Славниот готвач Рене Реџепи се повлече од „Нома“ поради обвинувања за злоставување


Тетовецот Рене Реџепи се повлече од улогата главен готвач во светски познатиот ресторан „Нома“ во Копенхаген поради обвинувања за злоставување. Реџепи ја објави својата одлука на социјалните мрежи.

„По повеќе од две децении градење и водење на овој ресторан, решив да се повлечам и да им дозволам на нашите извонредни лидери да го водат ресторанот во неговото следно поглавје“, кажа Реџепи.

Поранешни вработени го обвинија готвачот за создавање токсична работна средина, вклучувајќи вербално и физичко злоставување.

Луксузниот ресторан се подготвуваше за редовен престој во Лос Анџелес, но корпоративните спонзори се повлекоа по тврдењата за злоставување и протестите пред неговата привремена локација.

„Извинувањето не е доволно, јас ја преземам одговорноста за моите постапки. За секој што се прашува што значи ова за ресторанот, дозволете ми јасно да кажам: тимот на ‘Нома‘ денес е посилен и поинспиративен од кога било. Отворени сме 23 години и неверојатно сум горд на нашите луѓе, нашата креативност и на насоката во која се движи ‘Нома‘“, кажа Реџепи.

Тој додаде дека тимот ќе продолжи со својата работа во Лос Анџелес без него.

Реџепи (48) е роден во Копенхаген и по татко има потекло од тетовското село Џепчиште. Од отворањето во 2003, „Нома“ беше прогласуван за најдобар ресторан на светот во 2010, 2011, 2012, 2014 и во 2021 година и стана поим за меѓународна луксузна кујна, во кој мени чини околу 500 евра.

Поранешни вработени разговараа со „Њујорк тајмс“ за наводната злоупотреба и насилство што го доживеале за време на повеќе од 20-годишното работење на „Нома“.

„Под гламурот и ѕвездите, работниците се туркаат над своите граници, работниците се удираат и се задушуваат, работниците се понижуваат, а соништата се кршат“, рече Џејсон Игнасио Вајт, поранешен директор за ферментација во „Нома“, за време на протестот, според NBC Los Angeles.

Тој побара промена во менаџментот во ресторанот.

„Ресторанот ги крши правата на вработените во текот на многу години; враќањето на овие права на вработените би било неопходно, но не доволно. „Нома“ мора да ги промени своите политики за управување и вработени за да ги исполни и законските и моралните обврски кон пошироката заедница на ресторани“, рече тој, според NYT.

Еден инцидент од 2014 година, опишан во извештајот на „Њујорк тајмс“, детално објаснува како Реџепи наводно удрил вработен откако го принудил целиот кујнски персонал да излезе од ресторанот за да го гледа како понижува помошник-готвач кој пуштил техно музика.

Во друг инцидент, тој наводно удрил вработена во ребрата откако ја видел како го користи телефонот, што им го забранува на вработените за време на нивното работно време.

Во 2015 година, Реџепи објави есеј во кој признава дека бил „ѕвер“ за некои од оние што ги вработил. Тој, исто така, се извини преку соопштение до NYT.