Слави Трифонов ќе ја урива владата на Петков и поради Македонија
Лидерот на бугарската политичка партија Има таков народ, Слави Трифонов, денеска изјави за локалните медуми дека ги повлекува министрите од таа партија кои се во владата и предизвика вистински карамбол на бугарската политичка сцена.
„Ставам крај на оваа коалиција и агонија“, изјави Трифонов.
„Има две причини зошто оваа коалиција не функционира и зошто не ни е место во неа – Северна Македонија и тоа што нема повеќе пари во државата“, додаде тој.
Според него, покрај напуштањето на националните интереси, министрите на формацијата „Продолжуваме со промената“ на премиерот Кирил Петков ја водат државата кон банкрот.
Според него, премиерот има поинаква надворешна политика кон Македонија од онаа на МНР и Собранието.
„Премиерот има друг министер за надворешни работи, а не Теодора Генчовска. Тој има свој министер за надворешни работи и се вика Весела Чернева. Тој им ветил на различни лидери од Европа дека ќе го крене ветото за Македонија и прави сѐ што е можно да се случи, иако огромното мнозинството Бугари сакаат Македонија да ги започне преговорите кога ќе го исполни договорот меѓу Македонија и Бугарија. На овој начин Кирил Петков грубо и безмилосно и еднострано го прекршува потпишаниот коалициски договор“, додаде Трифонов.
Постапките на Кирил Петков околу Македонија Трифонов ги нарече „народно предавство“.
„Што се однесува до буџетот – Асен Василев, откако е министер за финансии, милијарди летаат горе-долу во државата, тоа се наши пари“, рече Трифонов.
Тој истакна дека не е јасно за што е потрошена најголемата сума во историјата на Бугарија – 9 милијарди лева за девет дена во декември 2021 година.
Владината коалиција има четири партии – Продолжуваме со промената, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.