Славески за инфлацијата: Има охрабрувачки сигнали

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, денеска изјави дека централната банка настојува инфлацијата да ја сведе под три проценти, како и дека за тоа има охрабрувачки сигнали од страна на Владата.
„Ние навистина сакаме инфлацијата да се симне под три проценти. Има охрабрувачки сигнали од страна на Владата, помалку популизам од аспект на притисоците за раст на платите, а најверојатно до крајот на годината ќе има напори и мерки и Буџетот да се вклопи во рамки на она што е буџетскиот дефицит, од аспект на трошењата. Тоа е фискалниот аспект. А, сето ова што ние го правиме со дополнителни макропрудентни мерки, претпазливоста од аспект на основната каматна стапка на благајничките записи, која што ја немаме променето од јануари, е во насока на намалување на инфлацијата на прифатливо ниво. А, тоа е кога нема да ги тангира луѓето. Ќе има блага, ползечка инфлација околу два проценти, која што нема да ја перцепираме и нема да влијае на нашите одлуки и на очекувањата“, рече Славески одговарајќи на прашања на новинарите при неговата посета на Агенцијата за катастар на недвижности во Скопје.