Слаб интерес за дарување конвалесцентна плазма во Струга
Интересот за дарување крвна плазма од пациенти кои прележале Ковид-19 во Струга е многу мал. Само четворица се пријавиле да даруваат по апелите за спасување на животот на млад сограѓанин, од нив двајца биле компатибилни.
Цветанка Кочовска доктор во службата за Трансфузија во Струга информира дека по направената анализа за нивото на антитела во крвта, двајца од донаторите исполнувале услови, но едниот се откажал.
– Од шестмина пријавени, четворица во Струга и двајца во Охрид, се реализираше само едно дарување на конвалесцентна плазма. Интересот за дарување е многу мал. Сега стануваше збор за доста млад пациент заболен од Ковид 19, со тешка клиничка слика и двата града се организиравме да обезбедиме плазма, изјави Кочовска.
Пациентите со прележан корона вирус, доколку сакаат да даруваат крвна плазма, како што појасни, најпрво треба да се пријават на он-лајн страна на Институтот за трансфузиона медицина да пополнат прашалник. Потоа лицето се бара во регистерот на Центарот за јавно здравје, да се провери кога бил позитивен и дали се поминати 28 дена од последниот негативен тест.
– Ако ги исполнува сите услови добиваме информација од нашиот контакт центар за дарителот, го викаме во закажаен термин и земаме шест епрувети каде ги проверуваме нивоата на антитела. Секој прележан од ковид не е адекватен дарител на конвалесцентна плазма, туку треба да се исполнат некои норми. Се прават сите анализи и ако има доволно ниво антитела ги викаме повторно за дарување, истакна Кочовска.
Упати апел до граѓаните кои го прележале корона вирусот да даруваат крвна плазма, бидејќи, како што рече, докажано е дека во над 70 отсто од случаите помага во лечењето на Ковид-19.
Заинтересираните лица што прележале корона вирус и сакаат да даруваат крвна плазма, како што информира директорот на Центарот за јавно здравје Сашо Точков, ги препраќаат во центрите за трансфузија, од каде соодветно ги запознаваат со целата постапка.