СКРМ ја доби тужбата за скратените плати во култура, од министерството велат дека немаат официјална информација

Претставници на Синдикатот на културата и денеска излегоа пред Министерството за култура во која истакнаа дека со добивањето на првата пресуда се потврдува дека правата на културните работници биле прекршени со незаконските решенија за намалување на платите. Оттаму прашуваат кој ќе ја понесе одговорноста за штетата која треба да ја платат културните институции.
-Ќе одговара ли некој за судските трошоци на кои сега се изложени институциите? Дали истите службеници сега ќе ги заштитат директорите во културата за кој СКРМ поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената должност и непочитување на законите и колективните договори. Повикуваме на разум и договор Министерството да седне на маса да се договориме за решавање на спорот и на тој начин да се избегне финансискиот колапс на институциите, изјави Вера Атанасовска од СКРМ.
Министерството за култура и туризам денеска преку соопштение информира дека до нив не е пристигната никаква официјална информација поврзана со изнесените ставови на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ).
– Во врска со денешната прес-конференција организирана од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Министерството за култура и туризам ја информира јавноста дека до овој момент до институцијата не е пристигната никаква официјална информација поврзана со изнесените наводи. Министерството нема никакви конкретни сознанија ниту за тоа за која институција се однесуваат истите, се вели во соопштението.
Информираат дека внимателно го следат целиот процес и веднаш штом ќе располагаат со проверени и релевантни информации ќе ја информираат јавноста.