Скопските дрвја во синџири – порака на граѓаните за слобода на зеленило


Граѓаните денеска со акција во Градскиот парк во Скопје, симболично доцртувајќи ги забетонираните корења на дрвјата, со синџири и пораки за слобода на зеленилото, ги повикаа надлежните градски и општински власти да го отстранат бетонот со кој се задушени корењата на повеќе од 1.000 дрвја во Скопје, но и низ останатите градови во државата.

Од Институтот за комуникациски студии велат дека Петре Шилегов, како градоначалник кој раководи со Координативното тело на градоначалниците во градов и првиот човек на Скопје, има можност и должност да го постави ослободувањето на сите заробени дрвја како заедничка акција.

Според експертите од Шумарскиот факултет, дрвјата мора да бидат ослободени веднаш, без ниту еден ден допонително одолговлекување бидејќи летните жештини и високите температури ќе значат угинување на најмалку 200 до 300 повеќедецениски, во моментов, исклучително загрозени дрвја.

Деканот на Шумарскиот факулет Кирил Сотировски, на неодамнешната конференција „Шанса за Скопје“, рече дека Скопје претставува термички, топлотен остров, бидејќи со неконтролираната урбанизација зеленилото е уништено на големи површини, а голем дел од постоечките дрвја не се здрави.

Зелените површини според генералниот урбанистички план на Скопје во 2012 година, заземаат вкупно 529 хектари односно шест отсто од вкупната површина на градот, се наведува во Студијата за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје од 2015 година.