Скопскиот маратон ќе се трча по изменети патеки


На 2 октомври годинава ќе се одржи 18. издание на еден од најмасовните и најпопуларните спортски настани во Македонија, Скопскиот маратон. Она што е ново оваа година, е промена на патеките за трчање, информира организаторот.

Стартот за сите трки ќе биде пред Собранието на Македонија во 8 часот наутро, додека целта за сите трки ќе биде на плоштадот „Македонија“.

Учесниците во маратон, полумаратон и штафетен маратон ќе стартуваат во правец накај „Порта Македонија“ преку плоштадот „Македонија“ и ќе излезат на улицата покрај „Тренд“ (Бул. „Никола Вапцаров“) која излегува на ул. „Димитрије Чупвски“ и потоа се движат по Бул. „Климент Охридски“, па десно по ул. Св. „Кирил и Методиј“ до кружниот тек кај Католичката црква. Оттука се приклучуваат на „Теодосиј Гологанов“ каде се трча се до студентскиот дом „Гоце Делчев“ и се продолжува по „Војвода Васил Чакаларов“ до населбата Хром каде се врти полукржно и тркачите се враќаат по истата патека назад кон центарот на градот каде продолжуваат кон населбата Аеродром по улицата „11 Октомври“. Потоа по бул. „Крушевска Република“ каде вртат десно по „3-та Македонска бригада“, па се трча до бул. „Србија“ и се врти лево и потоа повторно лево за да се излезе на бул. „Јане Сандански“, се трча до пред крстосницата кај „Мајчин дом“. Тука се врти полукружно и учесниците се враќаат по истата патека назад до центарот на градот. Ја поминуваат порта „Македонија“ и завршуваат пред плоштад „Македонија“. Ова е еден круг кој го трчаат учесниците во полумаратон, додека учесниците во маратон и штафетниот маратон трчаат уште еден ист ваков круг.