Скопскиот аеродром сака подобра поврзаност со градовите од поранешна Југославија


Македонските власти бараат начини за зајакнување на поврзаноста помеѓу Скопје и другите градови во поранешна Југославија.

Скопскиот аеродром во моментов нуди директни услуги до Белград и Загреб, со кои управуваат „Ер Србија“ и „Кроација ерлајнс“. Во текот на изминатата деценија, аеродромот, исто така, можеше да се пофали со летови до Љубљана, Сараево, Подгорица и Сплит, меѓутоа, веќе нема авиокомпании што можат да ги одржуваат летовите кон повеќето од тие правци, пишува порталот Ex-Yu Aviation.

Во 2020 година, Љубљана беше дванаесетта најфреквентна маршрута на скопскиот аеродром која веќе не се одржува по падот на Адриа ервејс. Во 2019 година, 40.293 патници летале помеѓу двата главни града, иако тоа траеше до крајот на септември, кога престанаа операциите. Раководството на аеродромот во Љубљана нагласи дека Скопје е „исклучително важна“ рута и дека ќе се обиде да најде замена за Адриа. Но, почетокот на пандемијата со корона вирусот ги одложи сите шанси услугите да бидат обновени наскоро. „Виз ер“, кој има база во Скопје, е потенцијален кандидат за оваа рута.

Врз основа на податоците на ОАГ, во 2019 година, последната нормална година за комерцијалната авијација, над 4.000 патници летале индиректно помеѓу Сараево и Скопје. Поранешниот авиопревозник на Босна и Херцеговина, Б & Х Ерлајнс, одржуваше летови меѓу двата града неколку години, помеѓу 2006 и 2015 година. Во еден момент, услугите се одвиваа и преку Подгорица. Во 2019 година, над 1.400 патници летаа индиректно помеѓу Подгорица и македонската престолнина. Во 2017 година, владите на Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина подготвија нацрт договор со кој се повикуваат странските превозници да одржуваат субвенционирани летови меѓу трите земји, но иницијативата никогаш не заживеа.

Менаџерот за маркетинг и приходи на ТАВ Македонија, кој е и претседател на Туристичката комора во земјата, Владимир Граматиков, неодамна истакна: „Поврзувањето на Сплит и Дубровник со македонските аеродроми ќе биде нашиот клучен фокус во наредниот период заедно со нашите партнери во Хрватска“. Во 2019 година, над 3.000 патници летаа помеѓу Скопје и Сплит. Оваа линија кратко беше одржувана од Кроација ерлајнс во 2015 година. Првично планирана како сезонска летна операција, таа беше откажана по само две ротации.