Скопје во сообраќаен колапс – луѓето не можат да стигнат на работа
Два дена веќе главниот град доживува сообраќаен колапс. Не дека е нешто ново ваквата состојба во Скопје, но утрово автобусите на ЈСП и приватните кои се во оптек доцнеа до еден час.
Иста беше состојбата и вчера попладне. Автобусите на крајните постојки пристигнуваа со задоцнување од повеќе од 40 минути, а следниот круг им започнуваше за еден или два часа.
„Не можеме повеќе да чекаме. Еден час нема автобус, а твојот колега во другиот автобус вели дека треба да тргне во 17.30. Сега нема 17 часот3, му се обрати една скопјанка која чекаше 23-ка, на станицата кај Цветен пазар, на возачот на уште едена 23-ка, која пак следниот круг требаше да го започне во 18.30 часот. Тој се јави во Центарот за управување со сообраќај од каде му беше дозволено да ги собере патниците и да замине порано од планираното. Но, до „Веро Џамбо“ се патуваше 40 минути.
Граѓаните нервозни, стојат на постојка и постојано погледнуваат во апликацијата која треба да го следи движењето на автобусите и да информира за колку минути ќе помине потребниот автобус. Но, тоа не се случува. Некои скопјани останаа да работат од дома, откако изгубиле 40 минути чекајќи автобус на постојките.
„Вчера утро чекав 15-ка од Ново Лисиче што требаше да дојде во 8.04 минути, но не дојде ни таа, ни следната по неа. Се качив на друг автобус дури во 8.50 часот“, вели една жителка на Аеродром, додавајќи дека на работа доцнела еден час.

И оние кои тргнале до посакуваната дестинација со автомобил не поминаа ништо подобро. На сите крстосници од почетокот на „Водњанска“ до крстосницата кај „Веро Џамбо“, вчера околу 17 часот не работе семафорите, а сообраќајот го регулираа полициски службеници. Метежот беше неизбежен.
Утрово иста ситуација. Некои крстосници беа регулирани од сообраќајци, а возилата лазеа по широките булевари.
Скопјани споделуваат фотографии од метежот по скопските улици со коментари дека во сообраќај се заглавени 40-50 минути и тоа во место.

Скопје има Центар за управување со сообраќај повеќе од една деценија, каде во реално време се гледа кои булевари и улици се преполни со возила, за да може на време да се реагира со семафори и да се растовари сообраќајот, но изгледа таа задача не им е приоритет на вработените таму.
Додека чекаме некој да се смилува и да го регулира сообраќајот пос скопските булевари, времето воопшто не ни е наклонето. Врне!, а тоа по дефиниција значи метеж во Скопје, без разлика дали има закажан протест или има некоја странска делегација.
Да се надеваме дека попладне улиците ќе бидат проодни.