Скопје во посебен сообраќаен режим: Протестираат од судската администрација, од Фондот за здравство, Народниот правобранител…


 

Центарот на Скопје денеска е најдобро да се избегнува, барем кога станува збор за возилата, поради неколкуте протести што се организираат во главниот град, а на кои основното барање е зголемување на платите.

Така, пред Собранието, протестираа вработените од судската и јавнообвинителската служба, Фондот за здравство, како и од Канцеларијата на Народниот правобранител, во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Од пртестот беше упатена порака до пратениците од сите политички партии, пред кои веќе е предлог буџетот за следната година, да ги поддржат во нивните барања за зголемување на платите.

Протестот, на кој поддршка дадоа повеќе административни службеници од повеќе синдикати, од пред Собранието, како што е најавено ќе продолжи пред Министерството за правда и ќе заврши пред Владата.

Поддршка на протестот дадоа повеќе административни службеници од повеќе синдикати, со транспаренти за барања за достоинствени плати протестираа вработените во Управата за заштита на културното наследство, АФ УЗКН, СЕП, Народниот правобранител, судските и јавнообвинителските службеници, како и од други Синдикати од јавната администрација. 

Инаку, вработените од судската и јавнообвинителската служба од 27 септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица. 

Синдикалната организација на Судскиот совет денеска повторно излезе на предупредувачки протест со барање да им бидат вратени додатоците на плата, укинати од март годинава.

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски, во изјава за медиумите посочи дека додатоците на плата кои што им следуваат согласно Колективниот договор, биле укинати во март годинава и дека преговорите за мирно решавање на спорот истекуваат на 3 или 4 декември, по што следува генерален штрајк.

„Синдикатот на Судски совет при УПОЗ повторно излезе на предупредувачки протест. Причината ја знаеме сите. Како што е во целото правосудство додатоците на плата се укина заради немање на доволно финансии во Судскиот буџетски совет заради покачување на платите на судиите. Но, од друга страна вината, исто така, ја насочуваме и кон Министерството за финансии кое не ги исплати додатните блок трансакции кон Судскиот буџетски совет, иако со Буџетот од 2023 година беа обезбедени, изјави Ралповски.

Според Ралповски, Владата неколку години наназад се обидува да ја деградира јавната администрација. Не сме криви ние што работиме во јавната администрација, туку тие што ја раководат јавната администрација.

„Затоа им препорачуваме, исто како што кажавме пред четири месеци кога се потпишуваше општиот колективен договор и укажавме на овие проблеми што ќе се случат и затоа бевме против таков Општ колективен договор. Ги повикуваме да седнат во Парламентот и додека се носи буџетот да изнајдат пари, да им го дадат заслуженото на јавната администрација“, изјави Ралповски.

Да се почитуваше Законот за минимална плата и да се усогласуваше платата во изминатите години, нагласи Ралповски сега немаше да бидеме во ваква ситуација.

Покачување на платите за 30 отсто е главното барање на членовите на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) кои денеска протестираа пред Министерството за здравство. Најавија протест пред Владата на 2 декември доколку во меѓувреме не бидат повикани на средба во Министерството за здравство.

Националниот координатор на Независниот синдикат на здравствени работници, Боби Бојчевски, истакна дека бараат и менување на Колективниот договор, покачување на ефективниот додаток, како и воведување на бенифициран стаж за вработените.

„Се собравме тука за да се слушне гласот на здравствените работници, административно – техничкиот персонал и техничкиот персонал за поголема плата од 30 отсто, за менување на Колективниот договор, за покачување на ефективниот додаток, за бенифициран стаж за вработените – радиолошки технолози, радиолози, вработени во рендген институтите, докторите и медицинските сестри“, нагласи Бојчевски.

Тој додаде дека бараат и бенифициран стаж за вработените во психијатриските болници, како и итна трансформација на сите вработени со договор на дело во здравствените институции на Здравствен дом Скопје и клиничките центри на цела територија на државата со цел да се задржат младите луѓе во државата.

И покрај тоа што денеска имавме опструкции од Клинички центар, од Синдикатот на клинички центар и од Државниот синдикат, ние сепак продолжуваме со протестите, истакна Бојчевски.

На протестот појаснија дека на клинички центар има медицински кадар, медицински сестри, техничари, административен кадар и лаборанти кои повеќе од девет години работат со договор на дело.

– За време на ковид пандемијата не поставуваа секаде дури и во КАРИЛ. Сите наши дежурства, сите наши вишок часови не беа платени. Работиме без здравствено осигурување, од 20 000 денари плата плаќаме сами 1800 денари здравствено осигурување, значи ние земаме 18 200 денари плата. Немаме право на одмор и на боледување, изјави Дијана Донова, медицисна сестра во Поликлиниката „Јане Сандански“ која работи со договор на дело пет години.

На протестот беше истакнато дека од петти октомври не се повикани на средба во Министерството за здравство и доколку не ги повикаат и во наредниот период, најавуваат протест за на втори декември пред Владата.