Скопје уживаше во страста и патосот на грчката музика : Вечер во чест на Микис Теодоракис

Скопје беше меѓу европските метрополи кој со свечен концерт одбележа 100 години од раѓањето на композиторот Микис Теодоракис кој ја обликуваше перцепцијата на меѓународната публика за грчката култура и стана светски славен. Концертот го организираше „Баги Комуникации“, а во соработка со Амбасадата на Грција во Северна Македонија.
Публиката од сите сфери на живеење и претставници на дипломатскиот кор, синоќа, во НОБ, аплаудираа, пееја, и дискретно танцуваа на седиште, ( две дами дури заиграа сиртаки на сцената) на 25 избрани композиции на Теодоракис (1925–2021), еден од најславните и највлијателни грчки композитори. На репертоарот беа дела од познатите филмски теми до помалку изведуваните композиции што го откриваат целото богатство на неговиот опус- бројни симфонии, ораториуми и камерни дела.
Гостите во НОБ ги поздрави грчката амбасадорка во Македонија Софија Филипиду која направи дипломатски гест- се обрати на грчки, англиски и на македонски јазик, а посака убава вечер и на албански јааик.
„Веруваме дека универзалноста на музиката на Теодоракис е она што и денес ја прави блиска и разбирлива за сите генерации. Таа носи порака што ги надминува границите и културните разлики и ги поврзува луѓето низ емоцијата, уметноста и заедничките вредности“, изјави во својот поздравен говор амбасадорката Филипиду.
Реномираните грчки музичари Клеоники Демири (вокал), Акилиас Гуастор (пијано), Лефтерис Гривас (хармоника) и Димитрис Куфогиоргоc (мандолина и бузуки) со својот беспрекорен настап, со побавни и побрзи грчки композиции, не однесоа во еден свет каде царуваат страста и патосот . Вечерта почна со композиција од филмскиот класик „Серпико“ (1973) на Сидни Лумет, во кој глуми Ал Пачино како полицаец-информатор, номиниран за Греми, а заврши со најочекуваната композиција на вечерта, музиката од филмот „Гркот Зорба“ (1964) на Мајкл Какојанис, освојувач на три Оскари, за која Теодоракис беше номиниран и за „Златен глобус“. И уште еднаш, во скратена верзија, за бис. Легендарна е филмската сцена на критската плажа ( Теодоракис е роден и погребан на Крит) кога славните актери Ентони Квин и Алан Бејтс почнуваат екстатичен танц- сиртаки. На класично обучениот композитор честопати му било тешко да го задржи својот имиџ на автор на незаборавни филмски партитури. И покрај изведбата на неговите опери, симфонии и песни во некои од главните концертни сали во Европа, Теодоракис, за многумина, остана човекот кој ја напиша заводливата бузуки музика на Зорба и филмот З на Коста Гаврас.
Но, Теодоракис беше многу повеќе од политички симбол во Грција и автор на филмска музика. Тој беше композитор со големи мелодиски дарови: компонираше повеќе песни од Шуберт, а најдобрите од нив – неговите композиции на Лорка, Сеферис, Брендан Беан, Камбанелис, Елитис и Рицос – не страдаат од споредбата. Можеби неговите други дела еден ден ќе заземат место во репертоарот на класичната композиција од 20 век, но неговите песни несомнено ќе останат најтрајното наследство на човекот познат на неговите пријатели едноставно како o psilos – високиот.
Теодоракис отсекогаш бил впечатлив во Грција. Тој бил за глава повисок од повеќето свои сонародници, а неговите политички и уметнички одлуки биле речиси секогаш контроверзни. За композитор кој се школувал кај Оливие Месијан и започнал ветувачка кариера како „сериозен“ композитор со нарачка за балет од Ковент Гарден во 1958 година, тоа бил судбоносен и неочекуван чекор да се сврти кон бузуки музиката од „ниската класа“ на неговата земја и да ја искористи како основа за своите песни.
На неговиот 85-ти роденден, концерти во чест на Теодоракис се одржале во градови низ цела Грција, во Минхен и во Берлин. Во 1998 година тој диригирал со Лондонската филхармонија, со Татјана Папагеоргиу како солист во неговиот Концерт за пијано, во салата „Кралица Елизабета“ во Лондон. Франција, земјата што му беше втор дом, му додели орден Легија на честа во 1996 година.
Л.Сабит