Скопје презагадено – нема препораки од властите
Нема никаква акција од страна на надлежните институции освен ветувања
Нема убави вести за воздухот во Скопје, како што минатата недела премиерот Христијан Мицкоски побара од новинарите да пишуваат. Тогаш во еден час во еден ден Скопје било почисто со воздухот од Виена, но ветерот од тој момент стивна и сите денови потоа е од загадено позагадено.
Па и утрово Скопје урива рекорди во поглед на загаденоста. Според податоците на IQAir, Скопје утрово е втор најзагаден град во Европа со индекс на загаденост од 172. Пред него е само Сараево од европските градови.

Дека Скопје е загадено регистрираат и локалните мерни станици поставени од Министерството за животна средина и просторно планирање, па на нивната веб-страница може да се забележат високи вредности кои далеку ги надминуваат границите на дозволеното и навечер и дење.
Скопје веќе со денови е еден од најзагадените градови во Европа, а маглата дополнително прави проблеми.
Засега, нема никаква акција од страна на надлежните институции освен ветувања. Единствено вчера Министерството за животна средина објави дека ставиле во функција нова веб-страница за квалитетот на воздух.
Нема ниту препораки од здравствените власти за ризичните групи на граѓани.