Скопје како Холивуд: Оскаровска филмска магија низ песни во НОБ (галерија)
Некои ноќи не се забораваат, а оваа беше вистинска ноќ за паметење. Навистина уживавме
Во пресрет на 96. доделување на филмските награди „Оскар“, на 10 март во Лос Анџелес, Скопје синоќа го почувствува оскаровскиот дух со црвениот килим, дотераните гости и со гламурозната прослава на филмската магија со песни кои низ годините станаа големи светски хитови и се дел од историјата на седмата уметност.
Низ грижливо избраниот репортоар на најубавите филмски песни наградени со Оскар не водеше долгогодишниот коментатор на Оскаровскиот пренос, Миланка Рашиќ, а додека поп и оперски пејачи со врвна интерпретација ги изведуваа, на сцената течеа сцени од блокбастерите кои се длабоко врежани во нашите спомени, како Флешденс, Футлуз, Топ Ган, Војна на ѕвездите, Скајфол, Титаник, Кум 2, Офицер и џентлемен, Валкан танц, Телохранител, Појадок кај Тифани…
Овации и силни аплаузи добија изведувачите Весна Ѓиновска-Илкова, Наде Талевска, Андријана Јаневска, Маја Гроздановска Панчева, Ана Петановска, Ана Мицковска, Горан Наумовски и др. во придружба на оркестарот на Национална опера и балет и Националниот џез оркестар. Диригент беше Бисера Чадловска, а настанот беше во режија на Дејан Прошев.
Некои ноќи не се забораваат, а оваа беше вистинска ноќ за паметење. Навистина уживавме. (Л.С.)