„Скопје 2028“ се претвора во машина за перење пари, вели ЛДП


 

Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека новиот предлог-закон за спроведување на проектот „Скопје – европска престолнина на културата за 2028“ не е проблем. Добри практики за вакви проекти постојат низ Европа. Проблемот настанува кога речиси секој закон кај нас секој се претвора во алатка за местење тендери, криење од јавноста и концентрирање на моќта во неколку партиски раце.

Партијата преку соопштение вели дека додека устите им се полни со „борба против криминалот“, создаваат нови механизми за „перење“ и трошење на јавните пари без никаква контрола и уште една шема за партиски профит.

Во посебна објава на социјалните мрежи, претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, пишува дека кога ќе ја тргнете одговорноста и ќе ја тргнете транспарентноста, не градите европски проект – градите систем во кој тендерите полесно се местат, а граѓаните повторно ја плаќаат сметката.

„Над 21 милион евра јавни пари, концентрирани овластувања, сопствени правила за набавки и сè тоа по скратена постапка, без јавна дебата и без антикорупциска анализа. Не е проблем што се носи закон за ‘Скопје 2028’. Проблем е што повторно се прави закон по мерка на власта, а не по мерка на јавниот интерес“, вели Зајкова.

„Скопје заслужува титула Европска престолнина на културата, а не европска фасада за старите криминални навики“, заклучува Зајкова.