Скопјани послаа светлина на последната патека за Владо Јаневски (фото/видео)
Речиси четири часа обожувателите на песните големиот македонски пејач и текстописец Владо Јаневски, ги пееја неговите песни, од „Нусе“, до „Чаирска романтика“, незаборавната „Некогаш и негде“ и „Само дома си е дома“.

Не ечеше пред СЦ „Борис Трајковски“. Песните беа испеани со љубов, сентименталност и носталгија, со почит кон Јаневски, кој нè напушти пред два дена, а неговиот погреб ќе биде утре, на градските гробишта во Бутел.
Се пееја неговите стихови, во кои е кажано сè што го чувствува македонскиот народ, сè што мислат скопјани, сè што доживуваат заљубените, нејаде таму во некое сопче, можеби во скопски Чаир, можеби и вечерва…

Крстот на Водно беше само симбол на еден живот, проживеан низ Чаир. „Само дома си е дома“ болеше, додека излегуваше од грлата на стотиците собрани со свеќи во рацете кои му оддадоа почит на Јаневски.
Меѓу насобраните не изостанаа граѓани од сите генерации, млади, стари, деца – кои не беа баш свесни каде се наоѓаат, чии песни пејат нивните блиски, но ја чувствуваа тагата на возрасните и стоеја блиску до нив, потпрени со главите на нивните рамења. Секако, ја препознаа „Сини очи има Јана“, песна испеана со хорчето за „Дајте музика“. Детска песна, посветена на сите добри школски другарки кои потшепнуваат кога нешто не знаеш на час.
Во песните на Владо, врвовите на Водно и Бистра се покриени со снег, а неговите почитувачи, вечерва го послаа патот до вечното почивалиште со светлина.
Собирот беше организиран од продукциската куќа „Прагма“, а присуствуваа и негови колеги и соработници од естрадата, како и новинари и јавни личности.
Програмата започна во 20 часот, а ја водеше Марко Марк.
– Јаневски беше исклучителен талент со префинет музички вкус и со еден дистинктивен редок авторски сензибилитет. Создаваше песни што не припаѓаат само на едно време. Припаѓаат на секој што некојпат сака, сакал, чекал, чека, сонувал, сонува и верувал, верува. Тој беше еден од најавтентичните гласови на македонската поп-музика. Од првите чекори, преку историскиот настап како прв претставник на независна Македонија на Евровизија, па сè до последните концерти, остана доследен на себе – достоинствен, ненаметлив и секогаш искрен – рече водителот.
Пред присутните се обрати и Влатко Плевнеш – долгогодишен музичар и член бендот на Владо Јаневски, како и Стево Чепишевски, кој, исто така, соработуваше со пејачот.
На поставената сцена беа прикажувани фотографии од Владо Јаневски, додека присутните запалија свеќи, оставија цвеќе и со светлата од мобилните телефони и изведба на неговите најпознати песни му оддадоа последна почит.