Скопјани маскирани прошетаа во сопствена режија – Градот ништо не организира
Речиси традиционално стана во Скопје за 1 Април – Денот на шегата плоштадот да биде полн со маскирани деца, а луѓето да се расположат со музика.
Но, годинава, тоа отсуствуваше. Оние кои маскирани се прошетаа низ плоштадот „Македонија“ тоа го направија по навика.
Како што ја преспа Нова година, така градоначалничката Данела Арсовска го преспа и 1 Април. Предновогодишно некако и се разбуди, па го накити градот набрзина, постави куќички за продажба на плоштадот, кои до ден денеска стојат таму. Затворени, никој ништо не продава, само сметаат на отворениот простор.
Малкуте маскирани деца како Спајдермен, Хулк, принцези, пчелички, пожарникари, госпоѓи од некое минато време што можеа да се забелеѓат по плоштадот во Скопје, се скриваа зад куќичките.
Од друга страна, скопските општини, поучени и од новогодишните организации, денеска приготвија програми со музика и ги поканија своите сограѓани да се соберат, да ги покажат своите маски, да се прошетаат, да се насмеат на првоаприлските шеги, да бидат наградени за креативноста…
Само четири од десет скопски општини го овозможија тоа за најмалите и за нивните родители, баби, дедовци – Бутел, Кисела Вода, Гази Баба и Ѓорче Петров.
Маскирани деца повеќе имаше во градинките и во основните училишта.
Во продолжение погледнете ги фотографиите од маскираните скопјани кои се прошетаа по плоштадот во центарот на градот. Да не беше жално, ќе беше смешно.