Склучени 396 трансакции: Голем одзив на годинашниов „Инвеститорски ден“ на Македонската берза


Шеста година по ред на Македонска берза успешно се одржа „Инвеститорски ден“ на којшто сите домашни физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на остварен промет до 10.000 евра.

На денешниот „Инвеститорски ден“ на Берзата се склучија вкупно 396 нормални трансакции што претставува инвеститорски ден со најголем број склучени трансакции од воведување на оваа иницијатива. Воедно, на овој ден се склучија и најголем број на трансакции на дневно ниво во 2025 година. Дополнително, денес во БЕСТ системот на Берзата се внесени вкупно 547 налози за тргување, што претставува најголем број на внесени налози во берзанскиот систем за тргување во текот на оваа година.

Вкупниот промет од тргување во БЕСТ системот со акции денес надмина 917 илјади евра, односно изнесува околу 56 милиони денари.

Иницијативата „Инвеститорскиот ден“ ја прифатија и во неа активно се вклучија сите единаесет членки на Берзата (Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер, Шпаркасе Банка Скопје и Халк Банка Скопје) и Централниот депозитар за хартии од вредност, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност