Скандалозен настап на министер на Орбан: „Ромите треба да ги чистат тоалетите во возовите, не Унгарците“


Јанош Лазар (Фото: АФП)

 

Унгарската опозиција и здруженијата на Роми во петокот побараа оставка од министерот за транспорт, кој рече дека ромската заедница треба да „ги чисти валканите тоалети“ во возовите затоа што неговата влада не прифаќа баратели на азил.

„Ако нема мигранти и некој мора да чисти тоалети во возовите, тогаш мора да ги користиме нашите внатрешни резерви“, рече Јанош Лазар од партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан во четвртокот. „Унгарските гласачи не се особено заинтересирани за чистење на валканите тоалети, а таа внатрешна резерва е унгарската ромска заедница“, рече тој во западниот град Балатоналмади.

Лазар зборуваше за недостигот на работна сила на предизборниот митинг за изборите на 12 април. Лидерот на опозицијата, Петер Маѓар, чија партија Тиса води на анкетите, побара оставка од министерот, обвинувајќи го на Фејсбук дека „ги преминува сите граници“, според Франс прес.

Силвија Сенаси, директорка на Фондацијата „Уку“, која се бори против дискриминацијата врз Ромите, рече дека е скандалозно што малцинството е маргинализирано за време на секоја изборна кампања. Бела Рач, раководител на здружението „Обединета Унгарија“, кое се занимава со политиката на сеќавањето на Ромите, потсети дека Ромите придонесуваат за економијата на земјата работејќи „во градежништвото, како претприемачи, интелектуалци и на јавни работи“. Тој побара извинување и оставка од министерот. Лазар одговори на Фејсбук, критикувајќи ги реакциите „типични за наивниот идеализам на либералите“ и тврдејќи дека тој и неговата влада направиле многу за Ромите. Ромите го сочинуваат најголемото малцинство во Унгарија, претставувајќи околу 7 проценти од 9,5 милиони жители на земјата, пишува Франс прес.