СЈО остана без обвинители


Фото: Б. Грданоски

Обвинителите од Специјалното јавно обвинителство се враќаат во обвинителствата од каде што дошле, а нивната шефица Катица Јанева, која е во притвор, нема да може ниту да се врати онаму од каде што дојде, во Основното јавно обвинителство во Гевгелија. Советот на јавни обвинители го стави надвор од сила решението на Јанева со кое е определено дека ѝ мирува функцијата во гевгелиското обвинителство. Тоа значи дека Јанева, која беше разрешена едногласно во Собранието, а потоа и на вонредна седница на Советот на јавни обвинители поради нестручно и несовесно работење, не може веќе да биде обвинителка.

Откако ја разреши Јанева, Советот ги разреши и нејзините десетмина обвинители (помошници), но ниту еден од нив не е во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, обвинителството кое има најблиска надлежност со сега веќе мртвото СЈО. Ниту обвинителката Лиле Стефанова не се врати во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, од каде што дојде во СЈО бидејќи на 15 мај 2018 година ѝ истекол четиригодишниот мандат. Наместо во организиран криминал, таа сега се враќа во Основното обвинителство во Радовиш. Обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Артан Ајро се враќаат во скопското јавно обвинителство, Бурим Рустеми и Љубомир Лапе во кумановското обвинителство, Стевчо Донев во Кочани, а заменичката на Јанева, Елизабета Јосифовска во Основното обвинителство во Гостивар.

Ова е моменталната одлука на Советот, но засега останува отворена можноста обвинителите од СЈО да постапуваат по предметите кои досега ги водеа. Според неофицијалните информации на „Независен весник“, засега постои вакво расположение, односно обвинителите од СЈО времено на шест месеци да бидат упатени во обвинителствата кои ќе бидат надлежни за гонење на предметите што ги воделе. Обвинител од СЈО во разговор за „Независен весник“ вели дека нивното враќање во матичните обвинителства не значи крај и дека сепак може да се најде решение и тие повторно да постапуваат по предметите што ги воделе. За нив ова е една нормална, техничка процедура, чекор кој морало да се помине за да се преземат следните и да се реши состојбата на обвинителите и предметите.

Сепак, ова и да е привремено решение и обвинителите да преминат во Обвинителството за гонење организиран криминал треба да се помине одредена процедура, да се распише конкурс, а судењата за предметите кои беа префрлени од СЈО во републичкото јавно обвинителство треба да продолжат да течат.

Советот за јавни обвинители не можеше да ги прераспредели помошниците на Јанева во повисокото обвинителство бидејќи првичниот закон за СЈО, кој предвидува дека со укинувањето на СЈО вработените се упатуваат на места со слични примања, е сè уште во сила.

„Законот за СЈО сè уште е во сила. Овој закон не е укинат, не може да се применува одредбата за нивно распределување според нивни примања“, вели претседателот на Советот, Ацо Колевски.

Тој нуди друго решение, Советот на јавни обвинители да го зголеми бројот на работни места во Обвинителството за гонење организиран криминал, да објават оглас во кој ќе учествуваат сите обвинители меѓу кои ќе може да конкурираат и обвинителите од СЈО.

Кој обвинител ќе води одреден предмет ќе зависи од републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески. Оттаму велат дека ќе разгледуваат предмет по предмет и кое обвинителство ќе биде надлежно за кој предмет ќе зависи од правната квалификација и по кој член се обвинети.

Обвинителите ќе заминат од Специјалното јавно обвинителство откако одлуката на Советот за јавни обвинители ќе биде објавена во „Службен весник“ и откако ќе ги попишат сите документи од своите предмети кои веќе се во надлежност на републичкото јавно обвинителство.

Вработените во СЈО остануваат во зградата без обвинители и без назначен административен потписник кој ќе може барем формално да го истера крајот на оваа институција. Според неофицијални информации, во Министерството за правда се водат разговори за решавањето на нивниот статус. Една од опциите за да се реши нивниот статус е да се направи измени во Законот за јавнообвинителска служба. Така, вработените да бидат префрлени во републичкото јавно обвинителство, а јавниот обвинител да може натаму да ги распредели согласно потребите.

Сите материјали, предмети и „бомби“ остануваат во оваа зграда, заклучени во сефови под истиот безбедносен режим како и досега.

Јанева дојде на функцијата со политички договор и како што беше избрана „едногласно“, така беше и разрешена во Собранието. Нејзината дружба со Бојан Јовановски-Боки 13 ја однесе во притвор, а оттаму со писмо ги овласти своите помошници обвинители да ги пренесат предметите во редовното обвинителство кое има можност да ги продолжи предметите.

Обвинителката во јуни си даде оставка во исто време кога Боки 13 беше уапсен на граничниот премин кон Грција, како првоосомничен за аферата „Рекет“, за која по еден месец и Јанева стана осомничена.

Ним ги пријави осомничениот бизнисмен Орце Камчев кој наводно се договарал Боки 13, да си ја плати слободата со еден милион евра, а за возврат Јанева да го повлече случајот „Империја“ против него.

Јанева тврдеше дека била злоупотребена, но еден ден откако даде исказ во Обвинителството таа беше уапсена и заврши во притвор во Шутка.

Фросина Факова-Серафиновиќ