Ситуацијата со ковидот во Битола станува многу тешка

Граѓаните панично бараат закрила во здравствениот сектор, вели градоначалникот Коњановски


Едно од жариштата на ковид инфекциите е прославата на Нова година на платото пред Офицерскиот дом

 

БИТОЛА – Расте бројката на ковид заболени во Битола по новогодишните и божикните празници. Граѓаните панично бараат здравствена заштита, вели градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Вчера Битола го достигна врвот на потврдени позитивни случаи со дури 164 нови инфекции, како никогаш досега од почетокот на кризата до денес. Во последниот период, пред и по Нова година има и починати во болнички услови по еден до двајца на ден, а најмладиот е на 40 години. Со тоа бројката на починати од почетокот на кризата до денес се искачи на 404. Во моментот во Битола има 885 активни случаи.

Најголем дел од новозаболените велат дека симптомите ги почувствувале два дена по Нова година. Повозрасните велат дека се заразиле од своите деца кои биле на дочек во некои од битолските кафеани, а некои тврдат дека се заразиле на отворено во гужвите од новогодишната забава организирана пред Офицерскиот дом во Битола. Но едно е сигурно дека вирусот брзо се пренесува и симптоми се јавуваат само по ден до два од инфекцијата.

„Од здравствените институции бевме информирани за ескалацијата на бројот на заболени од Ковид-19. Бројката на заболени на неделно нивно по новогодишните празници и дружења во градот се зголеми на над 600 лица. Не знаеме како ќе биде понатаму, а во бројот на хоспитализации бројката е стабилна, но има многу прегледи во амбулантата. Граѓаните после сето ова панично бараат закрила во здравствениот сектор. Апелирам да ги почитуваат ковид мерките да намалиме со дружењето во празничниот период, а невакцинираните да се вакцинираат“, порача денеска градоначалникот Коњановски.    

Во Клиничката болница Битола денеска се хоспитализирани 43 заразени, од кои 17 се хоспитализирани на одделение и 26 се во дневна болница. Бројот на прегледи во двете амбуланти достигна  123 пациенти на дневна основа. 

„Хоспитализирани се повозрасни лица, невакцинирани со полесна клиничка слика. Имаме дневно болничко лекување, амбулантски и во домашни услови“, вели д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола. (А.Б.)