Ситуацијата кај Пумпната станица за вода во Битола ставена под контрола
Со извонреден напор и неколкучасовна акција спречена е еколошка катастрофа во водоснабдувањето на Битола и Пелагонија.
„Надмината е опасноста да биде загрозено водоснабдувањето на Битола и пелагониските општини Новаци и Могила. Со натчовечки сили спречена е еколошка катастрофа, која со надојдената вода ѝ се закануваше на Битола во снабдувањето со чиста вода за пиење. Потпорниот ѕид, во најголем дел ги спречи надојдените води да навлезат и да направат штета на Пумпната станица во населба Довлеџик од каде градот и околината се снабдува со вода за пиење. Направивме насип во делот каде што се откина реката и сега ситуацијата се држи под контрола“, вели првиот човек на ЈП „Водовод“, Горан Козаров.
На терен се и екипите на ЈКП „Нискоградба“ и Водостопанство Битола кои со своја механизација и човечки ресурси помагаат во насипување на свлечиштето кај пумпната станица на „Водовод“. Препријатието официјално соопшти дека водоснабдувањето е нормално и дека водата за пиење е целосно исправна.
Според Козаров дежурни екипи остануваат на терен и ќе ја следат состојбата околу Пумпната станица по најавените нови врнежи од дожд. (А.Б.)