Сите здравствени благодати на тиквата: Од витост до убавина


Штом ќе дојде есента, во нашето видно поле влегува тиквата, сезонско растение во разновидни облици и многу топли жолтеникави бои. Подолга, пократка или тркалезна, за печење, или моделирање, тиквата е зеленчук кој изобилува со многу здравствени благодати. Печена, варена, како пита или пире, слатка или солена, секогаш е добредојдена на нашите трпези, со што ни дава витост и убавина.

Обликувана во различни облици, за различни видови прослави и намени, тиквата или тиквичката е слатко мало задоволство, кое крие уште една тајна во себе, а тоа се нејзините семки, кои се користат на многу начини: печени, потпечени или живи, мелени или цели, тие се богат извор на многу минерали и протеини, кои се одлична замена за нездравите грицки и соленки, како и одлична ужина каде и да појдете.

Тиквата е позната по тоа што има широк дијапазон на здравствени бенефити, а најпозната е по тоа што е одличен извор на бета-каротен, состојка што е моќен антиоксиданс. Секој внесен бета-каротен телото го претвора во витамин А, витамин задолжен за имањето добар вид, кој ѝ помага на ретината подобро да ја процесира светлината. Консумирањето храна богата со оваа состојка го намалува ризикот од одредени видови карцином, катаракта, мозочен удар, но помага при астма, срцеви заболувања, му помага на телото да остане во добра кондиција и го одложува неговото стареење.

Тиквите се одличен извор на целулозни влакна, т.е. состојки што ја подобруваат дигестијата, му помагаат на организмот да ги отстрани отпадните материи и на тој начин да ја одржи тежината во нормални граници, а на тој начин се подобрува изгледот на кожата и косата и се добиваат поголема ментална свежина и виталност. Се спречува болеста на модерната доба, прејадувањето и дебелината, бидејќи ја одржува ситоста, а е природен лаксатив што ја враќа вашата витка линија.

Целулозните влакна, големата содржина на калиум и витамин Ц и Е се одлична заштита кај срцевите заболувања: со калиумот се исфрлуваат вишокот течности, со што се намалува крвниот притисок, а се одржува здравиот баланс помеѓу минералите, кои се важни за добрата состојба на коските. Богата со минералите фосфор, железо и магнезиум, го поткрепува и денталното здравје.

Истражувањата покажуваат дека диетата богата со бета-каротен го намалува ризикот кај карцином на простата, а семките од тиквата изобилуваат со минералот цинк, кој е одлична заштита кај машкото сексуално здравје.
Богата со антиоксиданси, кои дејствуваат како штит против канцерогените клетки, тиквата е одлична заштита кај карциномот на дебелото и на тенкото црево, како и карциномот на белите дробови.

Семките од тиква се богати со фитостероли, состојки што помагаат при апсорпцијата на гликозата во ткивата и цревата, како и балансирање на нивоата на шеќер во црниот дроб. Нивното користење се поврзува со намалувањето на ризикот од дијабетес од типот 2, па затоа тиквата често се препорачува за заштита од оваа болест и зголемување на продукцијата на инсулин.

Нејзиното често користење помага при зголемување на имунитетот, бидејќи е одличен извор на витамин Ц. Повторно, бета-каротенот кој се претвора во витамин А е одлична состојка за формација на белите крвни зрнца, кои му помагаат на организмот да се заштити од различни видови инфекции и потенцијални заболувања. Има антифунгални, антимикробни и антивоспалителни својства.

Знаејќи го сето ова, а и фактот дека тиквата изобилува со триптофан, аминокиселина што ги подобрува сонот и продукцијата на серотонин, невротрансмитер кој го подобрува расположението, ќе ја вратите својата насмевка на природен начин и ќе се борите против депресијата поврзана со намалувањето на дневната светлина. Честото користење на семките од тиква ќе ви помогнат да се ослободите од стресот и анксиозноста, а доволна е количина од само 1 филџан во текот на еден ден со која ќе се чувствувате опуштени и среќни.

Најчесто тиквата ја печеме и ја користиме со благ јаворов прелив или шеќер, но таа може да се користи и во облик на супи, чорби, како и додаток при подготовка на пити, а не ретко се додава испасирана во јогурт, се меша со мед, цимет или какао и се подготвува во облик на смути. Тиквата е храна, додаток, слатко и солено задоволство, како и декорација во есенските денови.

Ирена Танчева