Сите сакаат покана за „Свадба“ – во Скопје пристига најголемата балканска комедија


Само еден месец по објавувањето на првиот трејлер, новата балканска комедија „Свадбата“ предизвика извонреден бран интерес кај публиката. Официјалната премиера на филмот, закажана за 28 јануари во Сава Центарот во Белград, беше распродадена во рекордно време, што веќе го прави еден од најочекуваните регионални кино наслови на годината.

Големиот интерес од публиката потврдува дека ова е филм кој вешто комбинира здрав хумор, препознатливи животни ситуации и современи балкански сензибилитети. „Свадбата“ си игра со класичниот романтичен образец, но намерно го извртува, поставувајќи го прашањето дали љубовта навистина може да ги надмине стереотипите, семејните притисоци, обичаите и однапред зацртаните родителски планови. Одговорот доаѓа во форма на брз, непредвидлив и често урнебесен заплет.

Филмот се одвива помеѓу две богати семејства – едното од Загреб, а другото од Белград – чиј син и ќерка се заљубуваат далеку од своите домови. Непланирана бременост го забрзува запознавање на семејствата, додека свадбата што мора да остане строга тајна се претвора во повод за низа комични, но и напнати ситуации кои брзо излегуваат од контрола. Токму во овој судир на приватното и јавното, интимното и политичкото, филмот ја наоѓа својата сатирична острица и својата препознатлива балканска „топлина“.

Една од најголемите адути на филмот е импресивната регионална екипа предводена од Драган Бјелогрлиќ и Рене Биторајац, со силна поддршка од актерки како што е Сека Саблиќ. Заедно со нив, во филмот играат и Весна Тривалиќ, Линда Бегоња, Анѓелка Стевиќ Жугиќ, Роко Сикавица, Марко Грабеж, Ника Грбеља, Сњежана Синовчиќ-Шишков, Срѓан Жика Тодоровиќ, Дејан Нежкиќ, Неќнис Муриќ Поповиќ Волариќ, Горан Гргиќ и Марко Миљковиќ – екипа која гарантира силна хемија и препознатлив хумор на различните актерски поетики од регионот.

Потписот на авторот го носи режисерот и сценарист Игор Шереги, кој заедно со својот тим гради филм во кој сатирата природно се испреплетува со реалноста. Визуелниот идентитет го потпишува директорот на фотографија Томислав Сутлар, монтажа Лео Милета, додека за сценографија, костимографија и звук се задолжени Јана Пјацун, Паула Чуле и Иван Зелиќ. Филмот е продуциран од компанијата „Еклетика“, во соработка со „Викторија филм“, а продуценти се Иван Келава и Марко Јоциќ.

По премиерата во Белград, „Свадбата“ ќе биде во редовна кино дистрибуција низ цела Србија и регионот од 29 јануар. Во Синеплекс во Скопје пристига на 5 февруари. Филмот е дистрибуиран од „Арт Виста“.