Сите пријавувале за насилството во Тафталиџе, само полицијата не го гледала живиот пекол
Реакциите на јавноста за страшниот случај во скопската општина Карпош се полни со гнев. Што правела полицијата и социјалните служби за да ја заштитат мајката
Мајка на возраст од 30 години и девојче на 6-годишна возраст паднаа од балкон директно во смрт, а оваа трагедија укажа на нефункционалноста на инститциите и неможноста на државата да ги заштити жртвите на насилниците.
Имено, многумина сведочат дека мајката и детето со години биле жртви на сопругот кој често доаѓал во алкохолизирана состојба, по што почнувала голготата за мајката, а девојчето, во најмала рака било сведок на тепањето, викањето и кршењето. За ова насилникот бил често пријавуван во полиција, за што сведочи и братот на мајката, како и соседите од зградата во скопско Тафталиџе. И тие пријавувале, доаѓала полиција, некогаш се сомневала во вистинитоста на пријавите (и на мајката и на соседите), но заминувала, а состојбата не се подобрувала.
Братот на жртвата повикува правдата да се истера до крај
Братот и вујко на жртвите вчера преку социјалните медиуми повика случајот со неговата сестра и внука да не се заборави и да не се изгуби во системот, затоа што токму оваа трагедија сведочи за потфрлањето на полицијата, социјалните служби, па и целиот систем.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем… После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија досега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да оди во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам“, повика Александар Стојаноски.
Соседите пријавувале кога тепачот ќе се појавел на врата
Дека мајката и ќерката трпеле насилство од партнерот, односно таткото, сведочат и нивните соседи, па така една од жителките на истата зграда напиша: „150 стана не успеавме да те сочуваме од монструмот кој секојдневно те малтретираше и тепаше. Сите сме виновни во оваа приказна – и ние и институциите“.
Во објавата се изнесуваат тешки обвинувања дека насилството траело подолг период, дека било видливо и познато во зградата, но дека трагедијата сепак не била спречена. Сосетката повикува јавноста да не ја обвинува мајката, посочувајќи дека можеби токму очајот бил „последниот излез од мракот во кој била“.
Трагедијата во Тафталиџе била најавена уште во мај, полицијата била во зградата, но си заминала, сведочат други соседи.
„Следен пат специјалци ќе викнам, престани да ја тепаш жената!“, пишува во вознемирувачка порака од станарите која докажува дека институциите со месеци игнорирале жив пекол во зградата каде згаснаа животите на мајка и дете.
Пораката е испратена на 25 мај 2025 година и открива дека полицијата била повикана на истата адреса пред точно десет месеци поради брутално семејно насилство. Пораката, која денес звучи како морничав аларм на кој никој не се одзвал, е испратена од совесна соседка која не сакала да молчи додека низ ѕидовите одекнувале крици.
„Здраво комшии. Се извинувам на сите што ви ѕвонеше полиција која јас ја повикав… не се плашам од комшијата кој стално ја тепа својата жена! Ќе го замолам да престане, пошто машкоста не е покажување сила на жена. Сите на таа вертикала се вознемируваат“, стои во пораката која станарите ја читале уште минатата пролет.
Полицијата доаѓала, но си заминувала без решение
Ако имало толку сведоци и ако постојано била повикувана полиција и насилството пријавувано, се поставува прашањето што напишале полицајците во својот извештај тој ден и дали биле известени социјалните служби за детето кое расте во тој пекол, а мајката е тепана?
„Следен пат не полиција, специјалци ќе викнам“, напишала соседката во мај, но следниот пат изгледа не дојдоа специјалци, туку возила на брза помош (предоцна), полиција (предоцна), судска медицина (навремено) – за мајката и за детето (предоцна).
Со свои мислења се јавија и психолози и адвокати кои работат на случаите за справување со семејно насилство.
„Две години работев како психолог во анонимен шелтер за жени жртви на семејно насилство и уште минимум двојно толку во областа. И сите овие години сум сведок на одвратни случаи на институционална глувост, некадарност и партиски напикани војници во нашето Министерство за социјална заШТЕТА.
Имам еден тон случаи за раскажување. На пример транспорт на жена жртва со две деца од еден град во анонимен шелтер, со службено ОБЕЛЕЖАНО возило на ЦСР без да им текне дека таа жена е сигурно следена и со ваквиот малоумен потег ја ставаат во опасност неа, децата и цел персонал кој ќе работи со неа. Од милиони молења и колења до судот да се изречат брзи мерки за забрана на пристап додека насилникот стои паркиран пред семејна куќа и се заканува дека ќе го запали цело семејство. Истите тие насилници најчесто се со недијагностицирана психопатија, гранично растројство, зависности, а неретко и самите се бават со криминал. Тој криминал совршено им овозможува да се стекнат со голема сума пари со која потоа поткупуваат полиција, суд, министерства, политичари.
И ако по некоја случајност се погоди саглам полиција да го започне случајот, ќе финишираат со консултативен разговор во социјално во кој ќе ги убедуваат да се СМИРАТ пошто така било подобро за детето.
Тоа што ние го гледаме однапред, вие го гледате отпосле, откако ќе се случи смртен случај, трагедија, самоубиство.
Соседи бре физички се пресметувале со него за да ја заштитат. И не сакам да чујам ни збор дека можела поинаку. НЕ МОЖЕЛА. Затоа што појма немате вие како е кога некој ти го прати секој чекор, ти се заканува за секоја ситница дека ќе платиш со живот и ти и цела твоја фамилија. Појма немате како е кога животот на слобода ти е поголем хорор од ќотекот што ќе го преќутиш дома, само за да не ве убие сите“, вели психологот Тиана Ивановска, која повикува да се прочешлаат сите досиеја, да се најдат сите пропусти и да се казнат сите повикани во случајот.
Адвокатка советува што да се направи при случаи на насилство
Адвокатката Катерина Стисновска која работи како адвокат специјализирана за семејно право и семејно насилство од 2013 година, и секој случај за себе има своја специфика, а емотивното, физичкото и психичкото страдање кај секоја жртва е силно и тешко.
Сепак, вели решението почнува со пријава во полиција, каде треба да се инсистира да биде пријава, а не поплака, бидејќи само ако е пријава ќе има постапка и насилникот ќе биде казнет. Доколку е само поплака, тоа нема да доведе до постапка и нема да има казна за насилникот.
„Откако ќе пријави семејно насилство, жртвата не сме никако да дозволи да биде смирувана со насилникот, да биде држена во иста просторија или ставана заедно со него на разговор, туку треба да инсистира да биде одделена од насилникот. Кога жртвата ќе биде повикана од Центарот за социјална работа за давање изјава за поведување на постапка, треба да бара да ѝ се објасни постапката и мерките за заштита, а не само да потпишува како што ќе ѝ се диктира“, советува Стисновска.
Таа забележала дека во повеќе од половина случаи на семејно насилство бараат да се изрече мерка за заштита од семејно насилство – Отстранување од домот на насилникот, а оваа мерка, за жал, не се изрекува, па и не се сугерира на жртвата да ја побара, па многу често насилникот откако ќе пријави жртвата, наместо тој да биде отстранет од домот во рок од 30 дена, колку што е траењето на оваа мерка согласно закон, ситуацијата е обратна.
Едно лице е задржано во полициска станица по трагичниот настан во скопско Тафталиџе, кога мајка и дете беа пронајдени мртви по пад од балкон од зграда. Како што информира Основното јавно обвинителство Скопје, по наредба на обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална негова кривична одговорност, кој е партнер на жената и татко на девојчето.
„ОЈО Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот. Денеска, по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видеонадзор и други снимки од неколку локации“, информираат од скопското обвинителство.
Според првичните сознанија на обвинителството, во моментот на настанот мајката и малолетното девојче биле сами во станот и заклучени од внатрешната страна. По наредба на судија на претходна постапка, денеска ќе се врши детален претрес на станот во кој живееле, кој по вчерашниот увид остана запечатен.
За попладнево, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски има закажано прес-конференција, на која ќе треба да одговори зошто полицијата не успеа да ги заштит мајката и девојчето од насилникот.