Сите македонски државјани од Израел кои сакаа да си дојдат се евакуирани дома
Попладнево успешно е завршен процесот на евакуација на сите македонски државјани од Израел кои изразиле подготвеност за тоа, информира министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
„Министерството целосно го координираше процесот на евакуација на македонските државјани од Израел, кои попладнево со владиниот авион полетаа од Шарм ел-Шеик кон Скопје“, напиша министерот Муцунски на Фејсбук.
Станува збор, како што вели, за процес што бараше сериозен ангажман на дипломатско-конзуларните претставништва, доследно почитување на безбедносните процедури и континуирана координација меѓу надлежните институции.
Тој информираше и дека е финализирана постапката за склучување договор со компанија која во следните денови се очекува да започне со реализација на летовите за евакуација на македонските државјани од останатите погодени подрачја, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва.