Сите Германци го сакаат Олаф Шолц за канцелар


Насмеани лица: Роберт Хабек и Аналена Бербок од Зелените, Олаф Шолц од социјалдемократите и Кристијан Линднер од либералите (Фото: АФП)

Истражувачките разговори на СДП, Зелените и либералите завршија во петокот на заедничко задоволство. Новата влада е поставена на шините, сега следат коалициските преговори

 

Според анкетата „Политибарометар“ на телевизијата ЗДФ дури три четвртини од анкетираните Германци (75%) сакаат да го видат политичарот на социјалдемократите (СПД), Олаф Шолц, како канцелар. Јасни мнозинства од поддржувачите на СПД, Зелените, ФДП и Левица го поддржуваат тоа, но и 55 проценти од поддржувачите на ЦДУ/ЦСУ.

Оваа анкета и завршувањето денеска на истражувачките разговори на трите можни коалициски партнери покажуваат дека новата владата е ставена на шините. Сега почнуваат вистинските коалициски преговори за програмата на идната влада, која според најавите на самиот Шолц би требало да биде формирана пред Божик.

Ова денеска заедно го објавија лидерите на партиите.

„Работевме интензивно оваа недела… и разговаравме многу едни со други за да подготвиме сѐ за денешната консултација“, рече Олаф Шолц. „Успеавме“, рече тој, нарекувајќи го исходот „многу добар резултат“ и додаде дека партиите се договориле за основната рамка за продолжување на нивните дискусии.

Таканаречената коалиција „семафор“ – поради соодветните бои на партиите – се смета за најверојатна опција откако СПД, со Шолц како нејзин главен кандидат, беше прва на општите избори минатиот месец.

„Голем победник на таква коалиција ќе биде нашата земја“, рече лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, и најави дека ќе им препорача на партиските комисии да започнат коалициски преговори. Тој ја пофали професионалната атмосфера во дискусиите со Зелените и СПД.

„Убедени сме дека можеме да склучиме амбициозен и одржлив коалициски договор“, се вели во заедничкиот документ на трите партии за резултатите од првичните разговори. Коалициските преговори треба да бидат завршени пред Божик.

Беше „зачудувачко“ и „многу, многу корисно“ што ништо од преговорите не излезе во јавноста, рече Шолц. Лидерот на Зелените, Аналена Бербок, рече дека седеле заедно до раните утрински часови за да направат сојуз за „реформи и напредок“.

Линднер додаде дека неговата партија развила „нова политичка фантазија“ во разговорите и гледа можност во сојузот со СПД и Зелените, што сѐ уште не постоело на федерално ниво. Сѐ уште не се зборува за министерски места, рече Линднер.