„Системот го киднапираше театарот“: Реакција на Битолскиот театар откако МВР ја спречи претставата „Жиголо“


 

Министерството за внатрешни работи го спречи одигрувањето на синоќешната претстава во Битолскиот народен театар, поради тоа што во Центарот за култура во Битола се одржуваше свеченост со висок безбедносен ризик, објави Театарот.

Од Битолскиот театар настапија со силна критика велејќи дека „системот го киднапираше театарот“. 

Вчера во Битола имаше низа свечености по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука. Објаснувањето зошто не се одржа претставата ви го пренесуваме во целост:

„Вечерва системот го ‘киднапираше’ театарот. За жал, вечерашната претстава ‘Жиголо’ беше одложена иако екипата беше подготвена, а пред вратата на службениот влез на театарот имаше огромен број гледачи желни за театар. Ја користиме оваа прилика да им се извиниме за овој немил настан и да ги повикаме од понеделник во просториите на театарот за да им ги рефундираме средствата или да им ги замениме билетите за друга претстава.

Сметаме дека е некоректно од страна на Министерството за внатрешни работи на два часа пред почеток на претстава да нѐ известат дека настанот кој се одржуваше во салата на НУ Центар за култура Битола е од висок безбедносен ризик и да ги пломбираат вратите на влезот на Нова сцена, односно да го спречат одигрувањето на претставата. 

Почитувана публико уште еднаш ви се извинуваме и ви благодариме за поддршката“, стои во објавата на Фејсбук страната на Народниот театар Битола.

По одбележувањето во Скопје, вчера во Битола се одржа централната манифестација за денот на албанската азбука. На настанот присуствуваше техничкиот премиер на Косово, Албин Курти. (А.Б.)