Сиромашни сме за нула отпад, смета премиерот – создаваат магла и растураат пердуви


Тажната слика со ѓубре околу контејнери во населбата Ново Лисиче во Скопје

 

Македонија има суштински и егзистенцијални проблеми и тешко апликативно е решението за нула отпад во врска со справувањето со отпадот кај нас, смета премиерот Христијан Мицкоски, иако вели, отворен е за разговор, а ако се покаже дека таа идеја е спроведлива би ја спровел. Смета дека сме пресиромашни, за да воведуваме скандинавски решенија за отпадот, но ја турка идејата за јавно-приватно партнерство за „Дрисла“, каде би се направил и погон за преработка на отпад, но и погон за производство на електрична енергија од метанот од депонијата.

Прашан што мисли за идејата на повеќе здруженија кои излегоа со реакција на неговата вчерашна изјава за изградба на депонии во Скопје, макар тие биле и соверемени, Мицкоски забележа дека уште вчера предвидел дека ќе има такви кои се против. 

„Тоа што вие го кажувате, јас вчера и го антиципирав. И реков дека сега после ова што јас ќе го кажам ќе излезат неколкумина и ќе бидат против. И тоа е нормално. Не може во животот сите да бидат за. Мора да има и такви којшто треба да бидат против“, рече Мицкоски.

Најави дека пред да почне процедурата, ќе ги покани и тие што се за и тие што се против на дебата да се разговара, за да се види која е таа стратегија за нула отпад, којашто би била апликативна во држава којашто за жал поради политиките од претходните децении е една од најсиромашните држави во Европа и има суштиснки, егзистенцијални проблеми. И да ја споредиме со најразвиените европски земји, да речеме скандинавските, кадешто да, точно, постојат такви градови коишто немаат нула оптад, но тежнеат кон таа мерка.

Според него, многу било лесно да се даваат изјави, „да се создава магла, да се растураат предуви и потоа кога ќе дојдеме до решение, никој да не знае кое е решението.“

Откако ќе ги слушне нивните аргументи, ако тоа е функционално, би ги прифатил „зошто да не, ние немаме скриени агенди, немаме интерес!“

„Јас само знам дека депонијата во центарот на Виена е по принципот на јавно-приватно партнерство“, додаде Мицкоски.

Прашан како планираат да го решат проблемот со загадувањето од депониите, со постојаното чадење од потпалувањето и необезбеденоста на децениските депонии, Мицкоски се пофали со успешно завршена сезона на пожари.

„Ако мислите на ова што се случува со депониите и тоа што се случува со истите, можам да кажам дека после успешно завршената сезона на пожари, споредено со другите држави во регионот, кадешто имаше жртв, големи населени места коишто беа евакуирани, голема штета во имот (движен и недвижен), ние такви случаи немавме поради добрата организација и навременото постапување.

Е сега, очигледно на некој тоа му пречеше и периодот на предизборие го користи за да создаде паника и негодување. И го следиме тоа многу внимателно. Тоа е проблем којшто е создаван со децении. Никој до сега не го решил, ниту пак се зафатил со решавање. Ќе ве потсетам кога го имавме проблемот со сметот во Скопје, кога скопските градоначалници се обидоа да го решат проблемот со сметот, бидејќи тогаш ЈП ‘Комунална хигиена’ не работеше од тогаш ним познати причини и да го одложат во ‘Дрисла’, наидоа на затворени порта, а потоа добија и кривични пријави“, зборуваше Мицкоски.

Најави расчистување на депониите, со помош на општествено одговорни градежни компании, со кои преговараат заедно со министерот за тренаспорт и врски.

„Ние и овој случај нема да го оставиме вака. Веќе работиме со министерот за транспорт на општествено одговорни компании, со коишто ќе донесеме механизација и во Вардариште и во ‘Дрисла’ и ќе можеме да дејствуваме внатре се со цел да не ни се случува ова континуирано. Ќе ве потсетам, МВР неодамна имаше акција во дивата депонија Вардариште, замислете кадешто има илјадници, милиони тони смет. Не пречело никому, сето тоа е со години создавано. Но, ние тоа ќе го решиме“, рече Мицкоски.

Премиерот повторно објаснуваше како на депониите се ослободува метан, кој е лесно запаллив, а се пофали и дека со новиот градоначалник (веројатно се надева дека ќе победи нивниот кандидат) и трајно ќе го решат проблемот, затоа што таму, според него треба да никне фабрика за отпад и „производна единица којашто ќе го користи метанот за производство на електрична енергија“.

„Исто така, преку општествено одговорни градежни компании ќе имаме интервенција во смисла на градежно решавање на овој незаконски, див отпад и на  ‘Дрисла’. Се надевам дека ќе имаме простор за да влеземе внатре, за да не дојдеме до портата и да не не пуштат внатре. Така беше, нели, минатиот пат“, беше ироничен премиерот.

Тој денеска не се осмели да го проценува загадувањето, односно концентрацијата на штетните честички во воздухот над Скопје. Веројатно ќе беше срамота, затоа што синоќа Аеродром, Драчево, Центар и други населби во главниот град, беа покриени со чад кој смрдеше на изгорена пластика, откако ветрот го смени правецот и го донесе чадот од запалената „Дрисла“. (Б.Б.)

Загадувањето од Вардариште е само визуелно, тврди Мицкоски