Сирија на Русите им отстапи дел од копното и морето за проширување на базата „Хмеим“
Сирија– Сириските власти се согласиле на Русија привремено да и дадат на користење уште земјиште и крајбрежни води, со цел да ја прошират својата база „Хмеим“, пренесуваат британските медиуми.
Денеска објавениот договор меѓу двете страни бил потпишан на 21 јули, а стапил во сила на 30 јули. Тој се однесува на копното и морето во близина на провинцијата Латакија, во северна Сирија, каде се наоѓа руската контролирана воздушна база „Хмеим“.
Територијата, што се состои од осум хектари земја и повеќе хектари крајбрежни води, ќе се користи како „центар за медицински третман и рехабилитација“ на персоналот на руската воена база, се наведува во документот.
Територијата привремено ќе и биде предадена на Русија, без никаков надомест.
Русија во 2015 година почна со воздушните напади во Сирија, додека трајно воено присуство во земјата воспостави две години подоцна, по договорот со владата во Дамаск.
Покрај базата во „Хмеим“, од каде Русија спроведува воздушни напади за поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, Москва го контролира и пристаништето Тартус.