Синдикатот му возвраќа на Османи: Министрите се листопадни, дипломатијата е зимзелена

Македонскиот дипломатски синдикат ги осуди квалификациите упатени од Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за наводна „албанофобија“ или „албано хистерија“ по повикот на Синдикатот за зачувување на професионалните дипломатски стандарди во Министерството.
-Министре, Македонскиот дипломатски синдикат бил и ќе продолжи да биде последниот бедем и механизам за зачувување на угледот и професионалните стандарди во дипломатската служба. Затоа, Ве повикуваме да не употребувате несоодветна политичка реторика кога се работи за прашања кои ги засегаат професионалните дипломати и нивните кариери.
Би сакале да Ви укажеме, дека бројот на членови на МДС континуирано се зголемува, а воедно во истиот членуваат дипломати од сите етнички заедни. Ова се должи на нашите континуирани принципиелни заложби за унапредување на статусот и правата на професионалните дипломати.
Министре, во периодот одкако Вие ја презедовте функцијата на прв човек на министерството, упатени се повеќе од пеесетина амбасадори и конзули како и повеќе од двестотини дипломати на мандат. МДС реагира исклучиво кога станува збор за прекршување на Законот за надворешни работи или за крајно спорни решенија за кои реагираше и целокупната јавност.
На крајот, и покрај Вашето политичко излагање обременето со партиски флоскули, сеуште не добивме одговор на прашањето дали со предлогот за упатување на Генерален конзул во Њу Јорк се крши Законот за надворешни работи.
Министре, како и во минатото Ве потсетуваме дека министрите се листопадни а дипломатијата е зимзелена, стои во реакцијата.
Претходно на социјалните мрежи Османи напиша:
-Вистината е дека Албанците го кршат монополот создаден со децении и почнуваат да се етаблираат во институциите.