Синдикатот идната недела почнува со блокади во Скопје
Прво ќе биде блокирано Собранието. Трендафилов го покани Мицкоски да дојде в понеделник во ССМ да го потпишат колективниот договор
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ со навреди ги напаѓа и омаловажува ССМ и неговиот претседател Слободан Трендафилов, а синдикатите најавија дека дополнително ќе го заострат нивниот протест за поголема плата од следната недела.
„Наредната недела ќе започнеме со блокади. Пратениците во Собранието ќе бидат првите кои што ќе ги блокираме затоа што го чуваат Законот за минимална плата во фиока и не сакаат да ги зголемат платите. Веројатноста е наредната недела ќе одат со автобус и пешки, како што доаѓаат најголем дел од работниците. Ќе ги чекаме да ги поздравиме и да ги потсетиме дека таму се за нас и дека треба да гласаат. Тоа ќе биде следниот чекор“, рече денеска Трендафилов додавајќи дека дополнителни информации ќе даде во понеделник. ССМ бара минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Одговарајќи на прозивките и обвинувањата од владата и од ВМРО-ДПМНЕ Трендафилов го покани премиерот Христијан Мицкоски в понеделник во 9 часот да дојде во зградата на ССМ и заедно да го потпишат колективниот договор со кој платите на работниците ќе се зголемат за 40 проценти, како што според Трендафилов, пишувало во соопштението на Владата.
Тој рече дека не може да се изначуди на обвинувањата од власта дека „ССМ бил виновен затоа што работниците во 2028 година нема да добијат 600 евра минималец“.
„Ние протестираме за 600 евра минимална плата сега, не во 2028. Вратете се од иднината, другари, дојдете во реалноста“, рече претседателот на ССМ
Според него, имало голем број обид за минирање на протестот на синдикалците и тврди дека е „жалосно што петтоколонашите излегоа од редовите на синдикатите“. Трендафилов вели дека другиот синдикат, КСС, преку медиумите излезе со став дека нема потреба од радикални чекори бидејќи платите се зголемиле за 20 отсто.
Претходно денеска, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека протестите на ССМ биле поддржани поддржани од СДСМ и Левица и покажале дека не се поддржани од работниците „кои веќе се свесни дека некој од врвот на ССМ јасно ги искористува“. Лидерите на ССМ тој ги нарече „синдикаци на батерии“.
„Синдикалците на батерии, како Слободан Трендафилов, Иван Пешевски и Трпе Деаноски, кои земаат над 80.000 денари плата од работниците и дополнителни додатоци во висина над милион денари во само една година добиени од џебот на работниците, не го прифаќаат новиот колективен договор со кој минималната плата на административните службеници ќе се искачи до 600 евра за само две години од денес.
Предлогот од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите за 40 отсто или над 10.000 денари до 2028 година, не е прифатлив за ССМ, Трендафилов, Пешевски и за Деаноски“, рече Манасиевски.