Симоновски: Непостапувањето во ВМРО-ДПМНЕ се цени – нови државни функции добиваат луѓе од УО на ЈП


Зошто ВМРО-ДПМНЕ им дава нови државни функции на претседатели на Управните одбори од јавните претпријатија во Скопје кои го гушеа градот со години и го претворија во депонија, сакаше денеска да знае советникот од СДСМ во Градот Скопје Горан Симоновски, на втората седница на Советот, на која на дневен ред беше и ребалансот на Буџетот на градот, особено по изјавата на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во која вели дека ќе има командна одговорност за состојбите во овие претпријатија. 

„Градоначалникот тврдеше дека ќе прави систем… наместо тоа, ние денеска само технички разгледуваме оставка од претседателот на управниот одбор на ЈП „Дрисла“, којшто со месеци го труеше градот, само заради тоа што ВМРО-ДПМНЕ го има номинирано за нова државна функција. Истиот, и претседателот на УО на претприајтието кое го направи градот една голема депонија, исто така е награден од ВМРО-ДПМНЕ со нова државна функција, односно сега е советник во Општина Бутел. Тоа ме доведува до заклучок дека неработењето, блокирањето, непоставувањето во ВМРО-ДПМНЕ, многу се цени и како партиска заслуга сега тие луѓе добиваат нови државни функции. Тоа не е лапсус, туку се гледа дека е лицето на системот“, рече Симоновски.

Тој пушти видео-снимка од интервју на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски каде вели дека „Управниот одбор… колективна вина има таму кај сите и сите треба да си одговараат за непостапување соодветно“. Го праша градоначалникот кога лажел, кога велв дека има командна одговорност кај тие што биле во управни одбори на јавните претпријатија или кога ги наградуваат со нови партиски функции.

„Морам да одоговорам… со оглед на тоа што навреди доаѓаат од возрасен човек со кој лично не се познаваме. Јас мислев дека со оглед на тоа што доаѓате од СДСМ, којшто беше декласиран на овие избори дека ќе го поздравите потегот, затоа што се дадени насоки од Градот Скопје, да се отстранат од сите јавни претпријатија оние лица коишто биле толерирани, а воопшто не оделе на работа или пак, ќе го поздравите моментот што привот ден кога дојдов како градоначалник, пред неколку дена имаше 16 функционални камиони во „Комунална хигиена„, а денес има повеќе од 40, но вие не навлеговте во суштината… Ќе има реформи секаде и ако вие сте засегнат и имате проблем со тоа што се отстранети лица од работа којшто не оделе на работа, тоа е ваш проблем. Но, дека ќе градиме систем којшто не функционира во градов и воопшто го нема – ќе градиме“, рече Ѓорѓиевски. Тој предложи и за да не се чека посебна седница за советнички прашања, прифаќа после секоја седница да има советнички прашања, пракса што ја воспоставил и во Општина Кисела Вода, каде во пред некој ден беше градоначалник.

Инаку, Даме Димитровски, актуелниот претседател на Советот на Град Скопје, досега беше претседател на Управниот одбор на ЈП „Дрисла“, од каде даде оставка на функцијата, што денеска треба членовите на Советот на Градот да  му ја костатираат. (Б. Б.)