Симона Петреска ја носи „Радоста на постоењето“ во Куманово
На 19 октомври (среда), од 19 часот, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе се одржи промоција на првата книга на Симона Петреска – „Радоста на постоењето“ („Паблишер“), позната манекенка, а сега мотиватор и животен тренер. Книгата ќе ја промовира Александра Филиповска Јанковиќ.
Уште од излегувањето на оваа книга во мај годинава, многумина се заинтересираа за мудроста што ја содржи. Особено затоа што Симона почнува од себеси и од своето минато. Тргнувајќи од своите лични искуства, преку книгата, но и во својата работа како дипломиран педагог, мотиватор и животен тренер, ги подготвува луѓето да зачекорат во животот полни со инспирација и да ја пронајдат вистинската насока на својот пат кон духовно остварување.
Ги повикуваме сите кои се подготвени да ги спознаат радоста и суштината на постоењето, да дојдат на оваа необична промоција во која секој кажан збор ќе има своја крајна цел – да ги инспирира слушателите да станат главни мотиватори во своите животи.