Заев: Предлозите на Силва и Вархеи се добра основа за решение (ВИДЕО)


Шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва, заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи имаа работен ручек со премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот Никола Димитров и министерот Бујар Османи, по што си снимија изјави за јавноста.

Премиерот Зоран Заев  со снимената изјава и писмено соопштение порача дека има добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со решение кое не задира во македонските идентитетски прашања и за кое е убеден дека е прифатливо и за круцијалните позиции на Бугарија.

„Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеи денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам и на двајцата, министре Силва, еврокомесаре Вархеи, за вашата професионалност, посветеност и одлучност да помогнете на Северна Македонија, на Бугарија, на целиот Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа, за сите заедно да продолжиме на патот кон прогресот и просперитетот.

Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите деталите од предложеното решение.

 
 
Важно е дека во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија.

За нас е особено важно што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија.

После ова, сметаме дека сме во вистинскиот момент да одиме чекор понатаму, да се вложиме сите и час поскоро да постигнеме договор во интерес на заедничката европска иднина.

Тоа го очекуваат и го бараат граѓаните на нашите две земји, тоа го очекуваат Европејците, тоа си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот.

 

Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ“, изјави Заев по работниот ручек.

 
Силва беше многу поскржав во зборовите и практично не изнесе никаков детаљ ниту од предлогот ниту од разговорите, изразувајќи само оценка дека средбата била плодна и дека ќе му помогне во изнаоѓањето решение бидејќи се запознал со позициите и интересите на Македонија. Целта, рече тој, е да добие одобрување од сите земји членки за да се одржат меѓувладините конференција и за Македонија и за Албанија. 

Тој уверуваше дека проширувањето е многу важен процес не само за земјите кандидати туку и за Европа бидејќи и носи мир и стабилност.

 

По ручекот Силва замина кај претседателот Стево Пендаровски од каде што соопштија дека разговарале за можностите за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на одржувањето на Советот на Европската Унија следниот месец.

-Соговорниците разменија информации и мислења за билатералните прашања врзани со добрососедските односи, во контекст на надминување на проблемите со Бугарија.

На средбата се потенцираше важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија.

Претседателот изрази благодарност до министерот Силва за напорите на португалското претседателст-во коешто, покрај бројните значајни теми, ја одржува во фокус и дебатата за проширувањето на Европската унија, стои во соопштението од кабинетот на претседателот.