Сиљановска во Треблинка им оддаде почит на убиените македонски Евреи
Во Меморијалниот комплекс Треблинка во Полска, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот на смртта во 1943 година.
Во изјава за медиумите таа порача дека нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за холокаустот на македонските Евреи. Според неа, за нас трагедијата е поголема и поболна, бидејќи антисемитизмот никогаш не бил македонска одлика.
Фактот што македонските Евреи кои ја избегнале депортацијата, веднаш се вклучиле во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ, е доказ за нашиот соживот, нагласи Сиљановска.
На комеморацијата директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикарио порача дека денешниот настан е силна порака дека се сеќаваме и мора да се сеќаваме на вистината и на она што Македонија го изгуби.
Мајкл Баренбаум, креатор на постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, истакна дека кога доаѓаме на ова место не треба да се осврнеме само на минатото, туку и да се потсетиме на одговорноста што ја имаме за никогаш да не се повтори вакво зло.
Претседателката положи цвеќе и пред централниот споменик во Треблинка, ја разгледа музејската поставка и оствари средба со директорот на Меморијалниот и музејски комплекс, Едвард Куповка. Таа го поздрави поставувањето на новиот ѕид на којшто ќе бидат напишани сите познати имиња на убиените Евреи во Треблинка, вклучително и имињата на македонските Евреи.
Во Варшава, претседателката положи венец пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето.

Во изјавата Гордана Сиљановска-Давкова, меѓу другото, рече:
„Мора да потсетуваме на злото за да не се случи повторно. Мора да знаеме дека не се виновни само сторителите, туку и оние кои дозволиле да се случи злото. На 11 март 1943 година, тогашната бугарска фашистичка окупаторска власт, значи власта, а не народот бугарски, тогашната фашистичка власт насилно ги собра македонските Евреи од окупираната Македонија, ги натовари во сточни вагони и ги депортира тука, во нацистичкиот центар за екстерминација Треблинка.
Страшното за нашите Евреи е тоа што во прашање се 98 отсто од севкупната македонска еврејска популација. Некој ставил крај на македонската еврејска заедница, а во рамките на македонските жртви во Втората светска војна се работи за околу една третина. Има ли поголема жртва за македонската слобода? Има ли поголема жртва за еврејската слобода?
Нивните наследници, нивните присутни овде, роднините на преживеаните, јасно говорат за своите предци. Тоа е нешто што сите не засега. И денес кога светот повторно се соочува со војни, јас се прашувам цела ноќ. Како можело да се случи тоа зло, злото на холокаустот? Како дошло до тој морален вакуум во којшто го снемало умот, разумот, совеста, хуманоста? Исчезнале. Како е можно да се проширил тој смртоносен вирус на антисемитизам во една изопачена фашистичка и нацистичка идеологија? Тоа е огромно предупредување, оти за мене тој чин е чин на отчовечување, на расчовечување.
Затоа ние често пати велиме дека не смее да се фалсификува вистината, не смее да се разубавува вистината, оти невозможно е од злото да направите добро. Тоа никој не успеал. Ние, среде Скопје, имаме три урни со пепел од Треблинка“.