Сиљановска вели дека дијаспората гласа на локални избори. Не е во право, затоа што таа гласа дома
Според претседателката, дијаспората гласала на локални избори и тоа било „непознат феномен“. Но дијаспората не гласа во странство, туку некои од нејзините членови доаѓаат во своите живеалишта во Македонија да го дадат својот глас
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова синоќа направи еден гаф или погрешно тврдење кога зборувајќи за начинот на гласањето на дијаспората рече дека „е чудно што кај нас на локални избори гласа дијаспората, тоа е непознат феномен“.
Ова тврдење на Сиљановска што го изнесе во интервју за Канал 5 не е точно, а уште повеќе тоа не е„непознат феномен“. Според законот дијаспората не гласа на локалните избори во странство, туку оние макдеонски граѓани што живеат надвор од земјава може да дојдат на нивните гласачки места овде и да го дадат својот глас. Веројатно Сиљановска мислела дека некои политички партии посебно агитираат кон припадници на дијаспората да дојдат во своите места на живеење и да им помогнат со гласови на нивните кандидати, затоа што тие се наоѓаат во Избирачкиот список.
За Сиљановска една изборна единица е добро решение, „иако го има во две до три држави“.
„Иако е ретко решение, дали го има во две или три држави, сепак добро е да го има кај нас затоа што во разни изборни единици со различен број гласови се победува. Гласот треба да има иста тежина – рече Сиљановска-Давкова.
Во однос на дијаспората, претседателката нагласи дека според Уставот, избирачкото право, без разлика дали е активно или пасивно, се врзува со државјанството и смета дека во Изборниот законик „имаме чудно решение, кое ја дискриминира дијаспората“.
„Најголем број држави на светот ѝ дозволуваат на дијаспората да гласа. На прсти може да се избројат, можеби две, што не дозволуваат дијаспората да гласа, а има една или две држави во кои, по истек на 10 години, не може дијаспората веќе да гласа“, рече претседателката.
Таа вели дека било „невозможно“ да се испраќаат луѓе во дипломатско-конзуларните претставништва и затоа најчесто се посегнува кон електронско гласање или гласање по пошта.
Во однос на забелешките од опозицијата дека електронското гласање може да биде можност за изборен грабеж, претседателката со став дека токму опозицијата е таа што овозможи електронски попис.
Според неа, добро е да има консензус за Изборниот законик и дека треба да се постигне консензус за платеното политичко рекламирање.
Во однос на техничката влада,, која се укина со закон, чиј указ го потпиша, Сиљановска-Давкова рече дека решението што сме го имале било партиско.
На овие тврдења реагираше СДСМ велејќи дека нејзините изјави отвораат многу повеќе прашања отколку што даваат одговори.
„Ако претседателката е за техничка влада која би овозможила фер избори, зошто тогаш го потпиша указот за укинување на техничката влада? Ако навистина сакаше техничка влада во нова форма , за чисти избори, зошто тоа не го предложи сама?
Ако е за фер избори, зошто не каже јасно кои се проблемите со електронското гласање и зошто ВМРО-ОКГ инсистира токму на модел кој, како што самата признава, се применува во само две или три земји?
Кога се знае кој ја води државата – Мицкоски и организираната криминална група ВМРО, воведувањето на ризичен модел на гласање е исто како да му се дадат клучевите од трезорот на осуден крадец на банка и да се надеваме дека ништо нема да фали“, вели СДСМ во соопштение.