Сиљановска помилува десет осуденици, меѓу нив и член на нарко кланот „Барон“


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова помилувала десет осуденици. Покрај поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, помилувани се уште деветмина затвореници, а во одлуката објавена во „Службен весник“ не се наведени информации за кривичните дела.

Извршувањето на изречената казна им се заменува со условна осуда на осудените лица Акиф Равмановски од село Арачиново во траење од една година и три месеци, на Никола Трпчески од Охрид, во траење од една година и на Шенол Маслани од Арачиново, во траење од шест месеци.

Делумно се ослободени Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симеонов, од Скопје, Перо Кузмановски од Градско, Живко Делиџаков од село Богородица и Марјан Ефремов од Скопје, кој беше првообвинет во аферата „Шпион“.

За потсетување Акиф Равмановски е член на наркокланот „Барон“ кој неодамна избегал од затвор и учествувал во пукање во Чаир , а Шенол Маслани е брат на познатиот Шенки, кој во јавноста стана познат по опседнатоста со модниот бренд „Версаче“. Шенол Маслани во 2019 година беше уапсен во голема полициска акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога. Тој беше уапсен под сомнение дека е член на група која се заканувала на полицаец, продавала дрога и поседувала пушки и пиштоли. Но, против него за овој случај тогаш не беше поднесена кривична пријава.

Одлуките за помилување на Претседателот на државата се по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на Претседателот.