Сиљановска побарала од Фон дер Лајен поддршка од Брисел за „билатералните предизвици“


 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска денеска на средбата со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен рекла дека очекува оти процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхашките критериуми. И побарала поддршка од европските институции да се надминат „билатералните предизвици“.

Според соопштението на средбата биле разменети мислења и информации за евроинтеграцискиот процес на земјава и перспективите за напредок, имплементацијата на реформите и придобивките од Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан.

Сиљановска-Давкова посочила дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економскиот раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската унија.

„Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите.

Претседателката изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување“, се вели во соопштението.