Сиљановска: Не е добро време за предвремени избори


Не мислам дека е добро да има предвремени избори, вели претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Нејзиниот став го оправдува со тоа што вели дека во земјава „имаме многу сериозни проблеми почнати за извршување и дека е добро да се завршат некои од нив“.

Сиљановска-Давкова ставот го изнесе во вечерашното гостување во Тема на денот на Сител телевизија, надоврзувајќи се на нејзиното мислење за техничката Влада, прашање за кое се разговараше на лидерската средба во средата, на која не присуствуваше лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Претседателката смета дека техничката влада, и покрај тоа што функционира, нема уставен основ. Таа вели дека постојат технички влади кои се формираат во амбиент на криза или пред избори, но тие се или експертски, со некој економист на чело на владата, или составени од бирократи.

„Нашата влада се вика техничка, но ништо техничко нема во неа. Техничкото се врзува за стручност и компетентност, а никогаш за партиска припадност. Значи, ние имаме една препартиска изборна влада. Мора да кажам дека и покрај тоа што функционира, нема уставен основ. Кога реков препартиска, мислев на структурата. Обично внатре седат најоданите партиски луѓе и она што ја прави интересна за проучување и критика, зборувам во рамките на уставното право и политичкиот систем, се некои чудни функции од типот на дополнителни заменик-министри, дополнителни министри, со некои чудни овластувања“,рече Сиљановска-Давкова.

Според неа, врз оваа влада чудна надлежност има Државната изборна комисија кога се работи за спорови врзани за финансиите, а во Изборниот законик, додава таа, нема ниту збор.

„Оваа влада дури и временски е ограничена. Инаку, таа има три члена, ги менува членовите од 44 до 51 и меѓу останатото пишува дека ќе се примени, аплицира во 2016 година. Но, се аплицираше неколку пати, не дојде на дневен ред на Уставниот суд и сега е се уште жива. Ако тоа се толерирало и ако тоа е влогот, еве јас мислам дека дури и таков договор можеле bona fide, ама спротивно на законот и Уставот, уште на овие избори да спроведат“,додаде претседателката.

Велејќи дека и е позната реториката на сите партии и на Социјалдемократскиот сојуз, Сиљановска-Давкова рече дека ги помни неговите лидери кога велеле дека треба да се укине техничката влада.

„Врв на тоа дека техничката влада може да се перцепира и законот да се применува како што сакате, според политичка волја, беше последниот случај. Во измените на законот за владата пишува дека премиер ќе биде лидерот на партијата со најмногу гласови, со најмногу пратеници во Собранието. Тоа не беше почитувано“,додаде таа.