Сиљановска на Светскиот самит на лауреати: Вештачката интелигенција треба да се регулира
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
„Наместо искра којашто се претвора во креативен оган, образованието стана калап за масовно производство на дипломи. Ова се должи на фактот дека стоиме на раскрсница.
Од едната страна, го имаме стариот пруски модел на образование којшто беше дизајниран пред двесте години за линеарниот свет на Првата индустриска револуција. Беше изграден за фабричките линии и за армиските касарни, фокусирајќи се на стандардизација наместо на креативност, но и на послушност наместо на истражување. Во тој модел, студентите се сметаа за табула раса којашто требаше да биде исполнета со стандардизирани факти.
Но, светот драстично се промени. Живееме во време на Четвртата индустриска дигитална револуција, динамична симбиоза на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Ова е ера на паметни системи коишто носат независни одлуки за постигнување на совршенство во производството. Додека стариот свет беше на некој начин ригиден и линеарен, нашиот свет е меѓусебно поврзан и дигитализиран.
За промена во светот, потребна е промена во образованието. За тоа, пак, потребно е реалноста да се согледа низ очите на новите генерации“, рече Сиљановска.
Според неа, фокусот на образованието мора да се префрли од меморирање на критичко размислување. Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не смее и не треба да се забрани. Сепак, треба да се регулира, бидејќи со себе носи ризици, од кои најголем е зависноста. Историјата покажува дека кога малкумина имаат монопол врз знаењето, тогаш многумина назадуваат.
„Ако не сме внимателни, нашите општества ќе станат остра пирамида на богатство. Мало малцинство на врвот ќе ги поседува алгоритмите и роботите, додека огромното мнозинство на дното нема да има моќ или релевантни вештини. Ова води кон нееднаквост, губење работни места и социјална неправда и немири“, нагласи Сиљановска.