Силјановска: На 21 април и на 5-ти мај ќе сфатат дека нивното време истече


Власта единствено се фали дека го реформирале името. Тоа не е реформа, тоа е катастрофа. Тоа е погубен потег. На 21 април и на 5-ти мај ќе сфатат дека нивното време истече. Нашето време доаѓа, порача вечерва кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова на митингот во Пробиштип.

– Оваа пролет власта ќе си замине, а ние прво на претседателското место, а потоа и во владата со новиот премиер доаѓаме, истакна Силјановска Давкова. Таа им вети на граѓаните дека кога таа ќе стане претседател ќе се бори правдата и правдината да завладее конечно во државата и да се стави крај на црнилото кое, како што рече, владее во моментот. Најави дека со нејзината победа доаѓа ново македонско време, време на правдата што ќе завладее во државата.

Вети дека како претседателка ќе се обиде секој ден, на секој чекор да ги уверува граѓаните, да работи и да решава македонски проблеми. Вети дека ќе им помогне и на текстилните работници за да се почитуваат и нивните права, да не се чувствуваат загрозено и да ги мачат.

Таа порача дека нема да дозволат идентитетот да се смени. – Идентитетот е граден со векови, идентитетот е неразделен од името Македонија, идентитетот е неразделен од македонскиот јазик, идентитетот не трпи придавка „северна“ зошто тој беше е, и ќе си остане македонски, рече Силјановска Давкова.

Напомна дека оваа власт од реформи спроведе криминал, корупција, клиентелизам, непотизам. Според неа, на власта партијата и статусот им се поважни од народот.

Силјановска Давкова денеска оствари средба и со граѓаните во Општина Карбинци, каде истакна дека Македонија мора да размислува и делува развојно, да го искористи капацитетот кој постои и да инвестираме во основна индустрија, дизајн и производство на сопствени производи.