Сиљановска му ја намали казната на Владимир Талески за една година
Комисијата за помилување предложила, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова му доделила помилување на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. Тој добил намалување на казната за една година и му останува да одлежи во затвор уште три години.
Како што објави Телма, Комисијата го уважила барањето на Талески и неговите адвокати во делот на намалување на казната и целосно ослободување и прифатила делумно намалување на остатокот од затворската казна.
„Транспортер“ беше еден од најголемите предмети за финансиски малверзации во времето на СЈО. За злоупотреба на службената положба и овластувањата со бесплатниот ученички превоз, Талески правосилно беше осуден во 2022 година. За трите години додека беше во куќен притвор, земаше редовна плата од Битолскиот театар, како да е на работа.
Откако минатата година се направија измени на Кривичниот законик, казните за делото за кое беше осуден Талески се намалија, поради што, како што објави ТВ Телма, сега Комисијата за помилување смета дека на овој начин треба да се намали и неговата казна.
Апелацискиот суд во 2022 година донесе правосилна пресуда за случајот на Талески за кој беше осуден на седум години затвор, но бидејќи во куќен притвор помина три години, за одлежување во затвор му останаа уште четири години.
Неговиот соработник во тоа време од Општина Битола, секретарот Слободан Бончановски, за истото крично дело беше осуден на пет години и шест месеци затвор.
Во јуни 2023 Врховниот суд го одби како неосновано барањето на Талески и на Бончановски за вонредно преиспитување на правосилноста на првостепената пресудата на Основниот кривичен суд Скопје и пресудата на Апелацискиот суд Скопје.