Сиљановска му ги кажа на Милановиќ условите за наше преговарање со ЕУ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ во Тиват, каде што учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
На средбата претседателката изразила благодарност за цврстата и континуирана поддршка од Хрватска во процесот на евроинтеграции и нагласила дека евроинтеграцискиот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања и целосно да се дебилатеризира, посочувајќи на опасноста од зголемување на евроскептицизмот поради актуелниот ќор-сокак во кој се наоѓа процесот.
Претседателката Сиљановска-Давкова оценила дека Европската унија треба да ја потврди својата јасна посветеност на регионот, како што беше направено на Самитот во Солун во 2003 година, а процесот на интеграција да се базира на исполнување на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во Унијата. Во контекст на регионалната соработка, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нејзиното зајакнување ќе обезбеди нашиот регион да остане отпорен на надворешни притисоци.
„На средбата претседателката Сиљановска-Давкова потенцираше и дека како НАТО сојузници, силно сме посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности во рамките на Алијансата, придонесувајќи за меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на ситуацијата на регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност во регионот“, стои во соопштението.
Сиљановска Давкова остварила средба и со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар на која истакнала дека Европската Унија врши притисок врз земјите-членки кога тоа е потребно во многу други случаи. Претседателката порачала дека во нашата ситуација неопходни се лидери и земји кои ја разбираат нашата позиција, кои ќе помогнат да се осигураме дека нашиот глас јасно ќе се слушне во наредниот период. Претседателката нагласила дека е време да се потенцираат критериумите од Копенхаген во процесот на интеграција во Европската унија и да се потврди јасната посветеност на регионот.