Сиљановска има совет до СДСМ: Побрзо да излезе од кризата
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска му даде совет на СДСМ што поскоро да излезе од кризата.
Во изјава за медиумите таа рече дека во суштина не коментира внатрепартиски прашања, но дека според неа е важно опозициската СДСМ да ги надмине проблемите и повторно да стане силна опозиција бидејќи тоа било здраво за демократијата и за државата.
„СДСМ има статут, има пограма и други акти и внатрепартиски структури, постојат демократски начини на решавање на проблемите и мислам дека тоа е добро, прво за нив, но и за сите нас, бидејки без силна опозиција не може да има демократија, да има парламент што ќе носи добри одлуки бидејќи тие се коректорот на власта. Посакувам час поскоро со помош на членството да ги надминат проблемите. Со вакви проблеми, многу партии се соочувале не само кај нас, туку и надвор. Мојата порака е дека оваа партија има долга историја, меморија, имала големи победи и успеси, и како и другите партии имала и кризи. Се надевам дека од кризата ќе излезат со нови решенија и ќе станат повторно активен фактор и актер на македонската демократија“, изјави Сиљановска-Давкова по посетата на училиштето „Партенија Зографски“ во Скопје.
Вчера целото раководство на партијата заедно со членовите на Извршниот одбор поднесе оставки по барање на лидерот Венко Филипче. Според најавите на Филипче, за две недели треба да се свика Централниот одбор на партијата кој ќе треба да се изјасни за новите членови. Како што изјави Филипче, се бараат најквалитетните и најкомпетентни личности.