Сиљановска и Николоски како да не се симнале од државниот авион – летале повеќе од сите

Најважната дестинација на која патувал владиниот авион била Будимпешта. Таму патувале и премиерот и министри. Најмногу од сите Александар Николоски


Александар Николоски со министерот за одбрана на Унгарија, Кристов Залаи Бобровницки на 15 мај 2025

 

Државниот авион изгледа најмногу бил наменет за превоз на претседателката на државата и за министерот за транспорт. Премиерот бил многу поскромен.

Според податоците што ги објави Телма преку документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата од јуни 2024 до декември 2025 главната дестинација на државниот „лирџет“ била Будимпешта: до таму имало седум летови.

Гордана Силјановска-Давкова го користела авионот за 13 летови. Таа патувала во Тиват, Подгорица и Тирана, но и на подалечни дестинации – Рим, Истанбул и Копенхаген.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, е рекордер меѓу министрите. Податоците велат дека Николоски го корисетл авионот 11 пати. Од тоа шест пати бил во Будимпешта. Имало случај  кога владиниот авион бил упатен на сервис во германскиот град Нирнберг на 12 јануари лани. Оттаму бил упатен кон Будимпешта, го земал Николовски и се вратиле во Скопје.

Николоски одел и за Лондон, Прага, Виена, па и Истанбул.  На тоа патување прво слетале во Охрид, а потоа во Скопје. Дел од делегацијата за Лондон, според објавеното, бил и поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски, кој сега е советник во Владата.

Премиерот Мицкоски владиниот авион го користел три пати. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа дека неколку денови Мицкоски ќе одмора во Хрватска. Патувал и до Тирана. За еден лет од Скопје до Белград  Телма објавува дека нема целосни податоци. Само пишува дека корисник е претседател на Влада, но графата за патници е празна.

„Лирџетот“ го користел и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, со летови до Ротердам, Белград и Стразбур, како и случај во кој се спомнува Прага, но со организација поврзана со друго ресорно министерство. Според објавеното, како корисници се појавуваат и министерката за енергетика Сања Божиновска со два лета, министерот за локална самоуправа Златко Перински со лет до Будимпешта со уште четворица патници, како и министерката за образование Весна Јаневска и поранешниот министер за животна средина Изет Меџити, кои патувале до Лондон.

Претседателот на Собранието Африм Гаши го употребил авионот седум пати, а на три релации бил придружуван и од сопругата. Телма наведува и пример за лет Скопје–Џеда во Саудиска Арабија, каде како корисник е запишан „Претседател на Собрание“, но на листата нема податоци за патниците, исто како и за премиерот Мицкоски во еден случај.

Од средината на 2024 до крајот на 2025 – владиниот авион бил употребуван околу 40 пати, без летовите за сервисирање и два посебни лета организирани од МНР за други цели: транспорт на повредени од пожарот во Кочани и евакуација на граѓани од Израел. Авионот се сервисирал девет пати. Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, повеќе пати зборува дека треба да се набави нов владин авион, но поголем и помодерен.