Силјановска-Давкова: Разговорот за почетокот на преговорите ќе биде одложен за наесен
Претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјаноска Давкова смета дека веројатно, разговорот за почетокот на преговорите за членство во ЕУ ќе биде одложен за наесен.
-На премиерот му требаше ветување за почеток на преговори во функција на изборите, а не во функција на градење независно судство во Република Македонија. Тоа е македонската реалност, но и сериозната порака да се зафатиме со реформи, рече Силјаноска-Давкова која денеска беше на средба со граѓаните во Прилеп.
Според неа, одлуката на Заев да не биде повеќе претседател на Телото за судски реформи е задоцнета.
Независното судство, порача, е клучно за демократска држава и битно за реформите за членство во ЕУ. Преспанскиот договор не е доволен за влез во Унијата.
-Независното судство е клучен услов за демократска држава, но и еден од важните сегменти во рамки на очекуваните реформи. Членките, особено основачите на ЕУ, имаат лошо искуство со земји кои пред нас станале членки, но со сериозни проблеми во судството. Секако, секогаш не треба да учиме на сопствените грешки, туку треба да го помнеме искуството на Романија, на Бугарија. Премиерот и луѓето околу него беа уверени дека склучувањето на Преспанскиот договор е доволно да се употреби и да се злоупотреби како алиби во барањето почеток за преговори. Јас сум уверена дека тоа не е доволно, затоа јас, односно ние, се повикуваме на владеењето на правото и на правдата, оти без тој услов нема ниту почеток на преговори, ниту европеизација, истакна Силјановска-Давкова.