Сиљановска-Давкова го потпиша Договорот на ОН за заштита на водите


 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на третата конференција на Обединетите Нации за океанот којашто се одржува во Ница, го потпиша Договорот според Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција.

Целта на Договорот е преку зајакнување на меѓународната соработка и координација, да се запре губењето на биолошката разновидност и деградацијата на екосистемите.

Сиљановска истакна дека иако сме континентална држава направивме извонреден потег со тоа што пристапивме кон овој Договор, како и многу други држави. Оценувајќи дека состојбата со океаните и со водите воопшто не е сина, претседателката нагласи дека нештата мора да се менуваат во интерес на нивната заштита, затоа што добробит од тоа имаат сите држави на светот без оглед дали се на море или не –  тоа значи дека и нашата држава ќе има само корист од заштитата на водите.