Силен земјотрес регистриран во Сибир, прогласена состојба на висока готовност


Земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран синоќа во Сибир, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од десет километри, на 29 километри северно од градот Кош Агач во регионот Алтај.

Земјотресот бил почувствуван и во Казахстан.

Откако силен земјотрес го потресе сибирскиот регион, во Алтај е прогласена состојба на висока готовност, објави на својот канал Телеграм шефот на регионот Андреј Турчак.

„Воведов режим на висока готовност во Република Алтај. Епицентарот на земјотресот беше на 1,3 километри од селото Белтир. Немаше жртви“, напиша тој.

Откажана е наставата во училиштата, како и сите масовни настани, а можни се проблеми со водоснабдувањето во четири села од областа Кош-Агач.