Сијарто: Тоа што Бугарија ѝ го прави на Македонија е страшно и одвратно

За Сијарто акт на непријателство е и одлуката на Бугарија да ги зголеми таксите за гасот што доаѓа во Унгарија, Македонија и Србија


Петер Сијарто
 
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денес од Скопје порача дека е „страшно“ тоа што Македонија не може да ги почне преговорите со ЕУ заради Бугарија, иако 18 години беше земја кандидат. Тој најави дека Будимпешта ќе го стави цврсто ова прашање на агендата кога ќе го презеде ротирачкото претседателствување со ЕУ од јули 2024.
 
Откако предупреди дека сѐ уште постојат некои земји членки кои го забавуваат процесот на преговори за ЕУ и поставуваат пречки, тој наведе дека Бугарија го блокирала и писмото што ЕУ требало да ѝ го испрати на Македонија пред неколку недели. 
 

„За нас ова е страшно. Страшно е Северна Македонија да е земја кандидат веќе 18 години и да не ги почне преговорите, тоа е одвратно и покажува непочитување кон земјата кандидат, а  наедно е контрапродуктивно за ЕУ бидејќи ѝ го урива крединилитетот. Кога ќе го преземеме претседателството со ЕУ ќе ги превртиме сите камења за да бидеме сигурни дека пристапувањето на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан ќе се случи што е можно побрзо“, прецизираше шефот на дипломатијата на Унгарија.

Тој исто така оцени дека ЕУ има потреба од Западниот Балкан и дека лошите одлуки што ги правела досега ја ослабуваат, па за почеток треба да признае дека местото на Западниот Балкан е во ЕУ, а проширувањето на Унијата да започне веднаш, т.е. веднаш да започнат вистинските преговори со Северна Македонија.
 
Слична лутина тој покажа и за одлуката на Софија да ја зголеми таксата за транзит на рускиот гас со што, според неговата оценка, ја загрозува енергетската безбедност на Унгарија, Македонија и Србија. Извеести дека во понеделникот унгарската влада покренала постапка во ЕУ што тој ја оквалификува како прекршочна.  
 
„Никој нема право да ја загрозува безбедноста на другите. Најновиот чекор на Бугарија која со ултиматум ги зголеми таксите за гасот за Унгарија, Србија и за Македонија е акт на непријателство. Оваа одлука ќе ја загрози безбедноста на снабдувањето со електрична енергија  и другите две земји“, рече Сијарто.
 
Според него, Унгарија е подготвена да одговори „соодветно  и умерено“ и покрај покренатата постапка за прекршување на регулативите на ЕУ, подготвена е и за дополнителни чекори што ќе ги презеде и во консултации со Македонија, за да осигураат дека ниту една земја нема да биде загрозена од политиката на Софија.
 
Македонскиот министер Бујар Османи додаде дека одлуката на Бугарија за таксата е спротивна на регулативите на ЕУ , дека за тоа се ја известиле Унијата и дека сега се подготвува координиран пристап за да се отстрани оваа нелегално воспоставена пракса. 
 
Како и во претходните посети на Македонија и сега Сијарто го избегна прашањето за актрадицијата на екс-премиерот Никола Груевски порачувајќи дека „тоа не е прашање на надворешната политика“, дека тие (унгарската влада) не се мешаат во работата на судството и дека поради тоа темата „Груевски“ воопшто не ни била отворена на средбата со Османи. Таа изјава ја поддржа и Османи, додавајќи дека не е добро за земјата да има поранешен премиер во егзил и дека тој треба да се врати тука и да се соочи со правдата, откако новинарите оценија дека е веќе и дегутантно да се прашува за него – бидејќи паѓаат судските случаи по измените на Кривичниот законик. 
 
Запрашан дали ДУИ разговарале со СДСМ за евентуалното спојување на претседателските и парламентарните избори, Османи рече дека имало такви разговори и дека ќе продолжат во наредните денови. Тој уверуваше дека тие се водат на конструктивен начин, дека сите политички партии се свесни дека треба да се обезбедат фер услови за натпревар и дека одлуката ќе биде резултат на општ консензус. Запрашан за информациите дека со 350.000 евра власта почнува кампања за придобивките од членството во ЕУ  Османи рече дека не е доволно информиран. (С.Ј.)