Си: Кина и Виетнам треба да ги зголемат напорите за изградба на заедница со заедничка иднина

Кинескиот претседател Си Џинпинг рече дека Кина и Виетнам треба да ги зголемат своите напори на сите фронтови за да изградат заедница со заедничка иднина и да придонесат повеќе за мирот, стабилноста, развојот и просперитетот во Азија и во светот воопшто, објавија кинеските медиуми.
Кинескиот лидер, кој денеска пристигнува во дводневна посета во Виетнам, го изрази овој став во статија со наслов „Градење на минатите достигнувања и постигнување нов напредок во остварувањето на заедничките цели“. Текстот е објавен во денешниот број на виетнамскиот весник „Нан Дан“.
Си во својата статија забележува дека градењето кинеско-виетнамска заедница со заедничка иднина, која има стратешко значење, им служи на интересите на двете страни и придонесува за мирот, стабилноста, развојот и просперитетот во регионот и пошироко.
-Нашите две земји треба решително да го заштитат мултилатералниот трговски систем, стабилните глобални индустриски синџири и синџири на снабдување и отворената меѓународна средина за соработка, напиша Си. „Мораме правилно да управуваме со разликите и да ги заштитиме мирот и стабилноста во нашиот регион“, додаде кинескиот лидер.
Виетнам е првата станица на турнејата на Си низ Југоисточна Азија. Потоа ќе ги посети Малезија и Камбоџа.